Заврши Слоу Фиш 2011

Вчера заврши саемот за одржлива морска храна на Слоу Фуд, Слоу Фиш 2011, кој се одржува на секои две години во Џенова, Италија. За време на четиридневниот настан од 27 до 30 мај, присуствуваше и европскиот комесар за поморство и рибарство, Марија Даманаки, што им даде важен политички поттик на организаторите во кампањата за одговорно консумирање на риба. Овогодинешното издание стави акцент на малите, занаетчиските риболовци, каде заедно со нив дискутираа и разменија мислења, експерти за рибарство, авторитети кои ги креираат новите политики во рибарството, готвачи и консументи. Притоа беа одржани повеќе конференции на кои беа разгледувани прашањата околу одржливиот риболов и одговорното трошење на риба. Истотака беа поставени повеќе изложбени штандови и пазар на риба, работилници, дегустации, театар на вкусот, едукација за деца и возрасни, презентација на президиуми, слоу суши, винотека и голем број други можности за се ужива во добра, чиста и правична риба.

Ова беше петти Слоу Фиш, и тука беа забележливи последиците од економска криза, што се одрази на посетеноста со 40.000 посетители, во споредба со 55.000 во 2009 година.

Но сепак, традиционално, интересот на посетителите за одделните програми беше огромен. Билетите за работилниците за вкус и театар на вкусот беа распродадени, а продажбата на книги во морската книжарница двојно зголемена во однос на 2009 година. Исто така многу популарни беа образовните тури организирани од страна на Универзитетот на гастрономски науки и делот за Слоу Суши. Излагачите беа особено задоволни од нивото на свест кај посетителите и големото внимание на медиумите што помогна Слоу Фиш да допре до уште поширок круг на публика.

Истотака се разговараше за иднината на Слоу Фиш како настан. Една од идејите беше да се донесат сите најважни меѓународни кампањи за морето, рибите и нивната одговорна потрошувачка на едно место. Покрај тешкотиите, организаторите беа задоволни со прифатеноста на главната порака на настанот: “Јади риба одговорно!”
Останува ние како Слоу Фуд во Македонија да работиме за зацртаните локални проекти, обновување на ловот на риба со помош на корморани во Дојранското езеро и поддршка на производителите од Стење и Коњско на преспански циронки и нивно вклучување во Тера Мадре мрежатa. И потоа да го чекаме Слоу Фиш 2013 за да ги презентираме постигнатите резултати.

Емилија Неделковска