Зошто да ги развиваме нашите сетила?

Да се најде смисла, здрав разум, да се допрат туѓите чувства… Овие се само дел од секојдневните фрази кои ја истакнуваат важноста на сетилата во нашата ориентација. Таа ориентација има одредено влијание врз нашиот избор за тоа што ќе консумираме и каков стил на живот ќе одбереме да живееме.

Познато е дека осетите кои се формираат од надворешните дразби преку нашите сетила, неминовно влијаат врз равојот на нашите емоции, свест и врз нашиот нервен систем. Овие осети се присутни уште во преднаталниот период, додека се наоѓаме во утробата на мајката. Ние секојдневно сме постојани приматели на разни стимулуси (дразби) кои доаѓаат од нашето опкружување и од нашата култура. Тие дразби придонесуваат во градењето на разни невронски врски во нашиот мозок и нашата меморија.

Ефектот на ваквите искуства е многу значаен. Тие имаат силно влијание и можат да создадат нови невронски мрежи, да ги зајакнат или ослабнат постоечките и да ги формираат индивидуалните избори и вкусови. Мозочните врски кои се создаваат се уникатни, неповторливи и многу лични, па така, перцепциите кои ги формираме првенствено претставуваат субјективен феномен и потврдуваат дека природата ни дарува диверзитет. Средината во која живееме создава заеднички можности кои ги одредуваат афинитетите и можностите за споделување на нашите искуства.

Колку повеќе сме изложени на различни дразби и колку повеќе искуства стекнуваме, толку е поголема веројатноста да се формираме во една урамнотежена личност која ќе може да се ориентира себе си во еден комплексен свет на социјални врски и конзумации. Аналогно на тоа, широкиот спектар на дразби придонесува да се одржат индивидуалните разлики кои претставуваат еден вид на катализатори за растот и развојот на личноста, како врз биолошкиот, така и врз социјалниот и културниот. Глобализацијата и животните навики на Запад раширија одредени хоризонти: развој на транспортот и информативните мрежи. Но тие носат ризик за ограничување на разноликоста на искуства на еден алармантен начин кој може да не’ доведе кон вистинско сензорно осиромашување, со катастрофални ефекти врз развојот и еквилибриумот на личноста.


Како важен фактор за ваквата состојба несомнено е отуѓувањето на човекот од природата, од ритамот кој доаѓа од илјадниците различни аспекти на климата, вегетацијата, боите и мирисите, кои се заменети со еднолични и стандардизирани урбани средини. Во согласност со некои антрополози, загадувањето во метрополите може да предизвика условен рефлекс кој предизвикува апнеа (привремена застој на дишењето) водејќи кон прогресивно ослабнување на сетилото за мирис. Истото се однесува и на храната. Повторувчкиот и секогаш ист вкус на многу индустриски продукти, комбиниран со преголема употреба на засладувачи, соли и вештачки ароми, води кон прогресивно намалување на осетот за вкус, кој од друга страна пак, ја зголемува потребата за зголемено користење на овие адитиви. Ваквата навика води кон намалена и ограничена осетливост, онеспособувајќи не да ги препознаваме и цениме различните, диференцирани вкусови на природната храна, како што се локалното сезонско овошје и зеленчук. Нивниот вкус е обично запоставен и нив ги доживуваме како блуткави. Цената е превисока. Ние го ризикуваме нашиот потенцијал за правење на различни избори и се трансформираме во ,,робот консументи” водени од искуства кои не прават неспособни да селектираме и разликуваме.

Првиот чекор кон обнова на изгубената основа е да се открие природата како основа на се она кое не’ опкружува, вклучувајќи го и техничкиот развој. Ова ќе не одведе кон подобрување на разноликоста и бројните стимулуси кои се неопходни за регенерација на нашите сетила, емоции и мисли.

Работилниците за сензорна едукација, кои што ги реализира Слоу Фуд, им даваат шанса на нивните учесници да се вклучат во доживувањето кое го нуди светот на сетилата во една заштитена и безбедна средина. Овие искуства ќе им помогнат да ги препознаат и интерпретираат сензорните стимулуси и да бидат повеќе свесни за својот избор на храна. Локално произведената храна има водечка улога во ова сознајно патување затоа што нејзиниот кавалитет ја рефлектира културата која ја произведува истата и нејзината поврзаност со рамнотежата во екосистемот. Работилнициите се само почеток на едно патување кое води кон место во кое одговорноста за грижа на природата и градењето на опкружување богато со стимулуси не’ повикува сите нас како индивидуи.

Се надеваме дека преку работилниците за сензорна едукација младите учесници ќе стекнат со поголема свесност да се ориентираат себе си и дека ќе ги користат своите развиени сетила за да ги проценат последиците од изборите кои ќе ги прават во иднина. Така ќе можат одговорно да се соочат со предизвиците во средината и општествената благосостојба кои ја дефинираат нашата култура.

Извадок од водичот за сензорна едукација
„Сетила? Што е тоа?“, издание на Слоу Фуд
Текст: Карла Барзано и Микеле Фоси
Превод: Ивана Лембовска
Фото кредит © Slow Food архива