Македонска гозба на Kitchen TV

0
8

За нашиот член и пријател на Слоу Фуд, шеф Дејан Карапеев годинава завршува повеќе од успешно. Моментално тој се наоѓа во Белград каде ја снима првата сезона на своето готвачко шоу, кое од следниот февруари ќе оди на програмата на Kitchen TV.  Со тоа тој станува прв македонски шеф со своја програма на една специјализирана програма за гастрономија која се прикажува во поширокиот регион.

Taка, пред екраните ќе може да се „насладуваме„ на македонските специјалитети како турлитава, ширден, качамак, раванија и многу други, кои се надеваме дека ќе предизвикаат интерес кај публиката во регионот и можност одблиску да се запознаат со македонската гастрономска традиција, презентирана преку интерпретацијата на Дејан.

Веднаш по започнувањето со снимањето на серијалот од 20 епизоди, увидувајќи ја автентичноста на рецептите и оригиналноста на идејата, продукцијата на Дејан му предложи напролет да се сними и втора сезона од 20 епизоди.

„Се чувствувам возбудено, бидејќи ова за мене е нов предизвик и ново ниво на она што го работам. Додека снимаме добивам се повеќе нови идеи што да презентирам во следната сезона. После завршувањето на снимањето се враќам со Македонија и сакам уште повеќе да истражувам низ Македонија, заборавени рецепти, ретко употребувани производи, да им дадеме повисока вредност“ ни изјави Дејан после напорниот ден од снимањето.

 

Слоу Фуд Македонија стои со сите свои капацитети во овој проект на Дејан и несебично го поддржува во неговата работа. Оваа пролет тој ја издаде својата прва книга „Од длабочините на морето“ во која ја презентираше неговата работа и досегашни искуства стекнати во текот на летните месеци кои ги поминува на Јадранското море во Хрватска.

Во мај за време на Тера Мадре Балкан во Брисел, Белгија, за време на тематските вечери „Брисел го вкусува Балканот“ Дејан беше гостин во ресторанот „Чез Аугуста“ каде ја подготви македонската вечер со производи од македонските президиуми на Слоу Фуд.

Непоследно пред заминувањето за снимањето во Белград, на третото издание на „Биодверзитет на млеко“ , за потребите на „Лабораторијата за вкусови“ ги подгови македонските сирења да бидат одличен пар со македонските занаетчиски пива, заедно со Марјан Костадиновски, познавач и новинар за пиво.

Нема ништо случајно во животот. Скромноста, посветеноста и љубовта кон работата не остануваат незабележани, дури и од големите продукции.

Фото кредит © Kitchen TV