Членовите на Слоу Фуд Водно, Дојран и Битола заедно со Скопско туристичко лето и Балканија, во саботата во манастирот Богородица на Матка преку традиционална храна го прославија Денот на бабата. Оваа манифестација за прв прат почна да се одржува во Ирска пред три години, а веќе втора година се одржува и во Македонија.
Повеќе од стотина посетители присуствуваа на вториот по ред ден на бабата во манастирот Богородица. Традиционалната храна ја подготвуваа 45 ученици од средното угостителско-туристичко училиште „Лазар Танев“ кои се членови на Слоу Фуд Водно. На трпезатата имаше се од зелници, пити со прас, сирење , шунка и кашаквал, тавче гравче, чорби со месо, сарма со лозов лист, па се до дегустација на маслинки и слатко од смокви.
Посетителите имаа шанса да видат во живо како се прави еден традиционален зелник по рецептот на нашите баби, како и да се забавуваат со традиционална македонска музика.
Организаторите на манифестацијата очекуваат денот на бабата да премине во традиционална манифестација и денот да биде општоприфатен од сите граѓани на Република Македонија. Меѓу посетителите, гости имаше од поранешните југословенски земји.
Бојана Стојчевска
МТМ Телевизија