Органското производство во нашите животи

Да се има посебен однос кон природата, значи да се има стрпливост и желба за нејзино спознавање.Па, ако препораката на Френк Лојд Рајт е точна, а ни вели да ја проучуваме, сакаме и останеме блиски со природата, бидејќи таа никогаш нема да не изневери, тогаш немаме причина да брзаме,без да ја набљудуваме. „Study nature, love nature, stay close to nature. It will never fail you“. Frank Lloyd Wright

Сепак…

Сепак брзаме. И тоа постојано. И тоа без да ја набљудуваме природата. И тука ја правиме најголемата грешка. Се оддалечуваме од она кое не смее да ни е далечно, бидејќи е составен дел од нас. И ние од него. Производството на храна како природен процес.
Денес, земјоделското производство се заснова врз сите надворешни фактори кои можат да имаат влијание врз него, а кои на крајот би придонеле за поголеми приноси, сигурна количина и константно убав изглед на добиените плодови. Не се остава простор за грешка. Но времето покажува дека тоа ниту е возможно, ниту сјајно како што изгледа. Храната е жива материја и затоа ставањето во калап, не може да опстои на долг рок. За среќа, секогаш постојат алтернативи, наше е само дали ќе ги искористиме.

Производството на храна кое се потпира врз неупотреба на хемиски средства е попознато како органско земјоделство. За разлика од конвенционалното, органското ги вклучува оние техники кои резултираат со здрава храна, а притоа ги зачувуваат природата и човековата околина. Како клуч за успешно производство, овие техники на производство своја потпора црпат од природната плодност на почвата. Преку разбирањето и почитувањето на природните можности на растенијата, животните и земјиштето, ваквото производтсво се стреми кон постигнување што е можно поголем квалитет, но врз база на постојните услови. Органското земјоделско производство целосно го намалува влијанието на надворешните фактори врз човековата околина преку непримена на ѓубрива, пестициди и средства за заштита на здравјето на животните добиени по хемиски пат.

Наместо примената на вакви средства, органското земјоделско производство се потпира на природата и нејзините способности. Односот кон органското производство значи дека сте се откажале од употребата на какви било вештачки ѓубрива и пестициди, поради нивното штетно влијание врз околината и потрошувачот.Зато, доколку како производител се одлучите да произведувате според принципите на органско производство, најпрво треба да се запрашате: Кои се вашите мотиви за органско производство?

Експлицитната употреба на терминот „органско земјоделство“ за прв пат е популаризирана во Соединетите Американски Држави во 1942 година1. На движењето за органско земјоделство во САД му претходеле движења за „реформа на храната“ кои се спротиставувале на фабричката храна и се залагале за реформи на исхраната. Меѓу нив посебно значајни се вегетаријанството, „походите за интегрални житарици“ (whole wheat crusades), кампањите за „чиста храна“ и движењето за „враќање кон земјата“. Последните три движења создале основа за подоцнежната појава на движењето за „земјоделство без хемија“. Во наредните децении движењето за органско земјоделство зема сѐ поголем замав што ќе резултира со првата меѓународна конференција за органско земјоделство, организирана од француската организација на земјоделци Nature et Progrѐs, што се одржала на 5-ти ноември 1972 во Версај, Франција. За време на конференцијата е основана Меѓународната федерацијана движењата за органско земјоделство (International Federation of Organic Agriculture Movements, IFOAM) која денес е најголемата „чадор“ организација на движењето за органско земјоделство, со над 750 членки од 108 земји.

Органското земјоделско производство се дефинира како севкупен производен систем, кој го промовира и унапредува здравиот агро-еколошки систем, вклучувајќи ги биолошката разновидност, животните циклуси на растенијата и животните, почвената активност; става акцент врз раководните способности на човекот над употребата на средства кои немаат потекло од самите фарми; ги искористува/применува биолошките и механичките методи, наспроти синтетичките материјали.

Обидувајќи се да останеме во чекор со времето и технологијата, но и да опстанеме економски, значително ги променивме нашите сфаќања. Така, природата престана да биде основата за се останато, а храната жива материја. Земјоделското производство и производството на храна, станаа терен за броење единици наместо поле за работа и живот под сонцето. Затоа да ги вратиме „старите“ сфаќања!

Текст: Елена Каровска, Слоу Фуд Македонија
Фото кредит © Slow Food архива

Поддржано од „Програма за зголемување на пазарот на трудот“, кој го реализира Swisscontact Macedonia, а финансиран од “Swiss Agency for Development and Cooperation“. Ставовите изнесени во статијата не ги изразуваат ставовите на донаторот.