Топејнца во сирна недела

Неделата пред Прочка се вика Сирна недела или Сирници поради тоа што во овој период се јадат млечни производи. Некои ја викаат и Бела недела. Понеделникот се нарекува Сирни понеделник или во село Волино, Дебарца е познат како Југу Југу . Од обичаите што се изведуваат на Југу Југу интересно е канењето на ветерот да дојде преку летото кога е потребен за веење на житото. Имено тогаш се прави топеница – „топејнца“, која се носи на гумното, каде утрото децата фатени за рака заедно со некој од домашните трипати вртат околу стожерот, јадат и пејат : „ Југу-југу-у-у-у ,ела ветре да јајме топејнца,/ на лето да вејме чејнца, југу, југу, југу…“ На тој начин се сакало да се измоли јужниот ветар да дувне побргу зимата да замине ,а преку летото да дува за да може да се извее овршеното жито.

Рецепт за топеница:

Потребно:
• 1 векна сув леб
• 100 мл. кравја маст
• 200 г. кисело млеко или матеница (маштејнца), добиена како нус производ при биењето на кравјата маст
Подготовка:
Лебот се крши со раце на помали парчиња (залчиња), се става во тепсија и врз него кравјата маст во мали парчиња. Тепсијата се става под загреан сач. Се загрева тепсијата и повремено се промешува за рамномерно да се распредели растопената маст на лебот. Отакако се потпечи лебот се вади од под сачот и се сервира со киселото млеко или матеницата.

Овој специјалитет, има повеќе варијанти, кои се подготвуваат во различни краеви во Македонија. Друг рецепт за топеница, која традиционално се подготвувала во зимските месеци во село Мелница, Чашка:

Потребно:
• 1 векна сув леб
• 100 мл. свинска маст
• 200 г. бело кравјо сирење
• неколку лажици вода
Подготовка:
Лебот се крши на помали парчиња и се става во сад. Во поголема тава се растопува свинската маст и се остава да се загрее добро. Се додава лебот и се прже се додека лебот не зарумени и стане крцкав.
Се трга тавата од оган и се ренда сирењето над пропржениот леб. Се враќа на оган и се продолжува со мешање, за да се растопи сирењето. Се додаваат неколку лажици вода и се промешува добро. Се трга од оган и топеницата е подготвена за сервирање.

Топеницата е опеана и во народното творештво, веројатно се опевала додека децата се „залажувале“ да јадат:
Мори Мацо, каракацо,
кај си била?
Воденица.
Што си папала?
Топеница.
Камо мене?
Нема тебе!
Пис мацо, мацо!