10 мали акции за зачувување на пчелите

bees-soveti
Пчелите се пријатели на фармерите и нашата храна © Slow Food архива

Светскиот ден на пчелитe можеме да го одбележиме со  мали акции со кои можеме да помогнеме во зачувувањето на колониите со пчели.  Потребно е како опшество и заедници да градиме јавна свест за нивната улога и значење во земјоделството. За почеток потребна е само малку волја.

Првата работа што треба да се стори е да се потпише на Европската иницијатива за заштита на пчелите и фармерите, со која се бара од Европската комисија (ЕК) постепено да ги елиминира синтетичките пестициди во Европа, да го обнови биодиверзитетот во руралните области и да даде поголема поддршка во рамки на програмите на Заедничката земјоделска политика (ЗЗП)  во насока на трасирање на патот на  земјоделството во ЕУ кон агроекологијата. Пријавете се овде , нема да ви оддземе многу време.

Во продолжение, ви презентираме 10 совети, кои ќе им бидат од корист на пчелите.

1. Засадете ги омилените цвеќиња на пчелите

Една од најголемите закани за пчелите е недостигот на храна, во близина на нивните живеалишта, особено во градовите каде што зелените области се поретки. Нема потреба да имате голема градина или пак зеленчукова градина. Можете да засадите цвеќиња во саксии и жардинери кои ќе ги поставете на вашиот балкон  или во дворот на куќата. Нивните омилени растенија им се невен, лале, маргаритка, лаванда, фацелија, мајчина душица, сончоглед, слез, жалфија, анасон, рузмарин, копар, магдонос, коријандер, луцерка. Сисокот е долг, но истражете дополнително.

Изберете ги природните растенија од вашата област и претпочитајте цвеќиња со единечни пупки, како што се невен, лалиња и маргаритки кои произведуваат повеќе полен и кој полесно достапен на пчелите. Исто така, треба да засадите растенија кои што цветаат цела година, затоа подгответе календар што вклучува различни цветни растенија во пролет, лето и есен.

Вашите омилени цвеќиња и ароматични билки, ги сакаат и пчелите © Slow Food архива

2. Не користете хемикалии во градината

Синтетички пестициди, ѓубрива, хербициди и особено неониотиноидите се штетни за пчелите бидејќи влијаат на централниот нервен систем предизвикувајќи парализа и смрт. Ве молиме, избегнувајте користење на овие хемиски производи во вашата градина. Преферирајте средства за третман кои се користат при органското производство и природни раствори кои имаат сличен ефект,  како што е компост, раствори со лук, коприви и други докажани природни средства за таа намена. Дајте им простор за делување на корисните инсекти кои ги напаѓаат штетниците, како што се буба марите и богомолките.

3. Купете мед, пчелин восок и други пчелни производи од локалните пчелари

Купување органски мед и други производи од пчелар во вашата област е одличен начин за поддршка на неговата работа што носи придобивки за локалната заедница.  Истовремено со покажувањето на вашиот интерес  му давате до знаење на органскиот пчелар, дека го поддржувате, а тој ќе биде уште повеќе охрабрен да спроведе етичко и еколошко пчеларство.

Восокот од пчели се користи за обложување на саќето од страна на пчелите. Пчеларот за да го извади медот го отстранува, така што  тој е спореден производ кој треба да се користи и не треба да се третира како отпад.

4. Купувајте локална , органска и сезонска храна

Овој совет можеби ви изгледа дека не е во фокусот на примарната тема на оваа статија, но во реалноста е многу важен. Со купување органско овошје и зеленчук ќе избегнете финансирање на индустриско земјоделство кое користи синтетичка хемија и пестициди кои ја оштетуваат почвата и ги уништуваат инсектите. Ако избирате  локална и сезонска храна од органско производство, тогаш, поддржувајќи ги локалните фармери,  сигурно ќе им помогнете и на нашите пријатели – пчелите во потрагата по полен и нектар за да се хранат. Ова треба да е наша заедничка заложба, да бидеме посветени на помагање на производството на нашата храна, а со тоа се грижиме и за нашата околината.

Некои диви видови имаат потреба од свој „дом„ © sciencenewsforstudents.org

5. Изградете хотел за пчели

Постојат медоносни пчели, кај нас атохтона е Македонската медоносна пчела Apis mellifera macedonica, која ја одгледуваат пчеларите, но исто така има многу други диви видови пчели и инсекти кои се подеднакво важни за опрашувањето. Овие осамени пчели не живеат во колонии, но гнездат на мали простори, како што се шупливи стебла или дупки во дрво. Со уништувањето на шумите и последователното губење на живеалиштата, овие мали инсекти се борат да најдат простор за изградба на свој „дом“. Затоа изградете еден за нив  за да ги имате во вашата градина,  двор или балкон. Само создадете дрвена рамка и вметнете парчиња дрво во кои сте направиле дупки.

6. Засадете дрвја за пчелите

Дали знаевте дека пчелите најголемиот дел од нектарот го собираат од дрвјата? Кога едно дрво цвета, обезбедува стотици – ако не и илјадници – цветови од кои се хранат. Дрвјата не се само одличен извор на храна за пчелите, туку и основно живеалиште за некои (веќе споменавме во препорака 5). Листовите на дрвјата и смолата го обезбедуваат материјалот за гнездење на пчелите, додека природните шуплини на дрвото се одлични засолништа. Ако имате малку повеќе можност за активизам,  можете да се борите против уништувањето на шумите и да ги зачуваме и зголемиме живеалиштата на пчелите со засадување овошни дрвја што ќе им овозможат нектар и место за засолниште.

7. Тревата, оставете ја нека расте

Запоставете го малку вашиот тревник! Знам, не изгледа како добар совет, но обидете се да го запоставите и да заличи на ливада. Разновидноста на цветовите и високата трева ќе ги направат пчелите среќни.

Овозможете им пристап до вода, пчелите ќе ви бидат редовни гости © thewildlifegardener.blog.com

8. Не оставајте ги жедни вашите гости

Па да, дури и пчелите се жедни. За да ги освежите од нивната неуморна работа со опрашувањето, наполнете поголема плитка чинија со чиста вода и ставете камчиња во садот, кои ќе им послужат како мали островчиња, над површината на водата. Пчелите ќе слетаат на камењата по неколку освежувачки голтки вода.  Пчелите сакаат да споделуваат информации, така што доколку го одржувате постојан вашиот извор на вода, локалните опрашувачи редовно ќе ви доаѓаат на гости.

9. Информирајте се и споделете

Дознајте за проблемот за угинувањето на колониите со пчели, побарајте нови начини да им помогнете на пријателите – пчелите. Има многу книги и документарци  на оваа тема. Споделете го линкот со нашава статија со совети  со секој кој може да биде заинтересиран! Можете исто така заедно со пријателите или соседите, можете да изградите хотели за пчели или заедничка органска градина.

10. Заедно на Светскиот ден на пчелите!

Светскиот ден на пчелите се слави во среда на 20 мај. Ние од Слоу Фуд ве повикуваме: да ја покажеме солидарноста заедно со пчелите! Преку хаштагот – #BeeFriend – помогнете ни да ја подигнеме јавната свест за важноста на заштитата на пчелите и другите опрашувачи.

Фотографирајте и посветете неколку зборови на нашите пријатели – пчелите: како им помагате на пчелите? Колку е важно да ги заштитите? И така натаму …

Во среда, 20 мај, објавете ја вашата фотографија на социјалните медиуми, користејќи го хаштагот #BeeFriend, и означете нè.

Ве замолуваме да ни помогнете да ја потпишете и споделите петицијата со потписи до Европската комисија (ЕК) #SaveBeesandFarmers. Ако собереме најмалку еден милион потписи, ЕК е должна да одговори на нашите барања.

Линк до петицијата: bit.ly/3dUOHna

*)Петицијата е достапна на граѓаните од земјите на ЕУ

Можеме да ги спасиме пчелите заедно!

 #BeeFriend #ДенНаПчелите