Карло Петрини: Како мојата љубов кон храната се претвори во животна професија

„Нашата филозофија е за добра, чиста и правична храна: Добра бидејќи е здрава и вкусна, чиста бидејќи нејзиното производство не влијае штетно врз животната средина и се запазува благосостојбата на животните и правична бидејќи ја почитува работата на тие коишто ја произведуваат, преработуваат и дистрибуираат.“

Во 1986 година, во знак на протест против отварањето на првиот МекДоналдс во Италија, Карло Петрини со група на пријатели поделија големо количество на тестенини на „Шпанските скали“ во Рим. Од тој настан произлезе Слоу Фуд – организација која сега вклучува 100.000 луѓе во 150 земји во светот кои ја поддржуваат локалната храна и традицијата на нејзиното приготвување. Добар апетит!

Сара Ван Гелдер:Како во Вашиот фокус се најде традиционалната, локална храна?
Карло Петрини: Јас пораснав во место каде што социјалните настани и слободното време се главно поврзани со храната. Храната беше и се уште е суштински дел на свеченостите и забавата во Пиемонд – како што се традиционалното пеење и танцување, а со моето созревање станав свесен за овој културен, социјален и историски аспект на храната, кој почна да станува загрозен од лажната идеја за современост.

Основен принцип на Слоу Фуд е дека секој на планетава треба да има право и пристап до добра, чиста и правична храна.

Постојат моменти кои сеуште ги паметам, поврзани со храната од моето детство. Баба ми, на пример, никогаш не ги фрлаше остатоците од леб. Мојата баба за мене се грижеше со многу љубов и секогаш се грижеше да јадам добра храна, а со тоа ме научи да се интересирам за вкусовите и аромите на мојата земја. Децата обично развиваат посебен однос со гастрономската традиција (секојдневното, традиционално приготвување на најразлични јадења) на своите баби, поради љубовта со која е зачинет тој однос кон внуците. Поради тоа добрата храна многу често се поврзува со детството. Влијанието оди подалеку од обожувањето на некои јадења и вклучува еден цел свет на внатрешни вредности на дружељубиви и приврзани семејни односи и културни искуства.

Сара Ван Гелдер: Како Вашата љубов кон храната ве насочи кон активизам?
Карло Петрини: Јас морав да превземам нешто против планираното отварање на МекДоналдс на „Шпанските скали“ во Рим. Јавното мислење се спротиставуваше на додавање на големиот жолт знак „М“ кој би го разобличил овој естетски обликуван културен и историски простор. Затоа решивме да организираме настан на кој се делеа тестенини, кои пак претставуваат дел од италијанската култура и традиција – вкусот и аромата на нашата меморија – кои го симболизираат отпорот против хомогената „секаде иста“ брза храна. МекДоналдс во секој случај се отвори, но барем успеавме да постигнеме компромис и да ја намалиме големината на знакот „М“. После овој инцидент решивме да формираме движење за спасување на традиционалните вкусови и производи во целиот свет. Тие не се од суштинско значење само за зачувување на биодиверзитетот на планетата, туку исто така се од големо значење и за нашето културно наследство и чувство на припадност.

Сара Ван Гелдер: Што може Слоу Фуд да понуди во смисла на подобрување на нашето здравје?
Карло Петрини: Конзервираната, замрзнатата или инстант храната има помала хранлива вредност, тука спаѓаат и свежите производи кои обично патуваат долг пат -можеби често доаѓаат и од различен континент, што значи дека овошјето и зеленчукот треба да се соберат долго време пред целосно да созреат.
Слоу Фуд ја промовира локалната и сезонска храна. Ние преферираме, колку што е можно повеќе да се користи локална храна, да се познаваат производителите, така што би можеле да се запознаеме подобро со производот кој го купуваме и да поставуваме прашања во врска со тоа. Доколку приготвуваме јадење со едноставни состојки, може да добиеме здрав оброк со автентичен вкус.

Сара Ван Гелдер: Во Вашата книга „Тера Мадре“ велите дека треба да постои демократија во задоволството. Што сакате да кажете со тоа?
Карло Петрини: Основниот принцип на Слоу Фуд е дека секој на планетава треба да има право и пристап до добра, чиста и правична храна. Никој не треба да оди гладен во кревет и секој треба да има пристап до храна која е пожелна според културата каде што егзистира. На пример, една африканска заедница треба да биде во можност да избере храна која ужива да ја јаде – нивната традиционална храна често е похранлива од западната исхрана која во некои случаи им се наметнува.

Сара Ван Гелдер: Дали Слоу Фуд зборува за гладот?
Карло Петрини: Се фокусираме да обрнеме внимание на фактот дека сегашното светско производството на храна е доволно за да го нахрани светот, но дека резервите за храна не се праведно дистрибуирани во еден свет каде што околу 2 милијарди луѓе се со прекумерна тежина, додека 1 милијарда останува неухранета. Храната треба да се дистрибуира поправедно.
Како членови на Слоу Фуд се трудиме да ги поддржиме малите локални производители на храна од целиот свет. Западното индустриско земјоделство произведува поевтина храна која ги уништува локалните пазари и воведува производи кои не се дури ни културолошки посакувани за локалното население. Борбата против гладот е над сите политички борби, бидејќи треба да се направи обид за наметнување на регулативи во корист на локалните фармери.

Сара Ван Гелдер: Што се случува со сиромаштијата која се чини се поврзува со луѓето кои работат со храна или на фарми?
Карло Петрини: Нашата филозофија е добра, чиста и правична храна: Добра бидејќи е здрава и вкусна, чиста бидејќи нејзиното производство не влијае штетно врз животната средина и се запазува благосостојбата на животните и правична бидејќи ја почитува работата на тие коишто ја произведуваат, преработуваат и дистрибуираат. Од голема важност е она што го работат земјоделците, рибарите или занаетчиите да биде исплатливо и да им овозможи удобен животен стандард.

Сара Ван Гелдер: Слоу Фуд движењето стана интернационало движење. Какво значење има Слоу Фуд за луѓето од Африка и Азија?
Карло Петрини: Исто како и во другите земји така и тука луѓето се организирани во локални групи наречени „конвивиуми“. Тие се здружуваат за споделување на локалните готвачки традиции за време на организираните настани, работилници и конференции.
Нашиот проект “Илјада градини во Африка” создаде речиси илјада градини за храна во училиштата, селата, како и на периферијата на градовите во 25 африкански земји. Градините практикуваат одржливо земјоделство со користење на техники за компостирање, ефикасно користење на водата, локални растителни сорти и природни пестициди. Овој проект овозможува снабдување на локалните заедници со свежа и здрава храна, подобрување на квалитетот на животот како и развој на локалната економија.

Сара Ван Гелдер: Дали има потреба од индустриско земјоделство за да има доволно храна за сите? И дали можеби постои алтернативен начин за интеракција со природата?
Карло Петрини: Идејата дека е потребно да се произведува повеќе храна за да се нахрани светското население е заблуда. Со производството, консумирањето и трошењето на храна во западниот свет се одзема правото на резерви на храна во сиромашните земји.
Со цел да се нахрани светот, потребен е поинаков пристап, односно пристап со земјоделски методи кои ќе дадат долгорочни резултати. Ако природата и луѓето кои произведуваат храна ги третираме со почит, ако ја цениме вредноста и потенцијалот на нашата земја, може да живееме во поголема хармонија со природата и да се намали бројот на гладните во светот.

Сара Ван Гелдер: На кој начин хиперпродукцијата и фрлањето на храна во развиените земји го намалува правото на храна во сиромашните земји?
Карло Петрини: На пример, интензивното производство на пилешко во западниот свет претставува закана за Афричкиот пазар. На запад се јадат пилешки копани додека пилешките гради и крилца се извезуваат во Африка. Таму се продаваат по многу пониски цени кои се поконкурентни и не дозволуваат африканските производители да заработат доволно за живот. Сличен феномен се случува и во однос на производството на жито. На запад, со помош на субвенции се произведува огромно количество на жито така што вишокот се извезува. Ова му штети на локалното производство, бидејќи и покрај трошоците за превоз, со субвенциите се овозможува увезеното жито да се продава по цена која е пониска од локалното жито. Ова се само два од многуте примери кои покажуваат како се уништуваат локалните пазари во земјите во развој и како им се наметнува храна која не е културолошки пожелна за нив.

Сара Ван Гелдер: Што е “бавно знаење”?
Карло Петрини: „Бавно знаење“ се однесува на древните и традиционални вештини и знаења – методи на производство, кои луѓето ги употребуваат со векови, но кои се заменети со помодерни индустриски техники. Методите на „бавно знаење“ одземаат време и го земаат во предвид влијанието врз животната средина – аспект кој општеството понекогаш го игнорира.

Сара Ван Гелдер: Како што предходно споменавте, Вие сте израснале во Пиемонд опкружени со тамошната традиционална храна, музика и празнувања. На кој начин ги зачувувате овие традиции?
Карло Петрини: Една од традициите на Пиемонд при празнувањето на доаѓањето на пролетта, е фестивалот Cante j’euv (Песни за јајцето), што јас го славам секоја година со студентите од Универзитетот за гастрономски науки. Ние заедно одиме од винарија до винарија и пееме пред вратите на винариите се додека сопствениците на винариите не ги отворат своите врати и се додека не не нагостат со своите производи и вино, а ние за возврат продолжуваме да ги забавуваме со пеење и танцување.
Друга важна традиција во Пиемонд е годишниот саем Bue Grasso (Дебел вол) во Кар, древен но сеуште активен саем посветен на Пиемонтските раси на говеда и на традицијата да се има лој од вол на Божиќната трпеза. Во текот на овој фестивал градот се претвора во место на радост и смеа, a мирисот на храна доаѓа од секој агол. Посетителите доаѓаат за да јадат болито, традиционално варено јадење од месо кое се поврзува со настанот, а кое содржи месо од сите делови на волот.
Патувајќи низ светот сфатив дека сите култури имаат слични настани и ритуали со кои во суштина се слави традиционалната храна. Какво би било значењето на Денот на благодарноста без мисирка на трпезата? Мора да сфатиме дека одредени видови на храна се длабоко вкоренети во културата и традицијата.

Сара Ван Гелдер: Што мислите, кои се нашите најголеми предизвици за напредок и што прави Слоу Фуд во врска со тоа?
Карло Петрини: Нашите најголемите предизвици се спречувањето на фрлање на храна, спречување на грабање на океаните и земјиштето од страна на големите корпорации и развиените земји, воведување на одржлив риболов и земјоделски политики, зачувување на благосостојбата на животните, заштитата на биодиверзитетот и заштитата на малите производители. Најважно е тоа што треба да се обезбеди чиста вода за пиење за секого, да се нахранат гладните и да се гарантира пристап до храна која е културолошки пожелна за секој човек на оваа планета. Во соработка со други организации и граѓани кои се посветени на одржливиот систем за храна, верувам дека можеме да поместиме планини, можеме да ги спречиме големите меѓународни компании да го уништат постоењето на малите занаетчиски производители.

интервју на Сара Ван Гелдер за www.yesmagazine.org
превод: Емилија Неделковска
илустрација: Џули Нотарјани