Слаткото од диви смокви на фото сесија кај Оливиеро Тоскани


Објективот на реномираниот италијански фотограф Оливиеро Тоскани, се насочи кон президиумите на Слоу Фуд, а како резултат на тоа, во моментов 63 фотографии од 63 президиуми заедно со фотографиите од неговиот проект „Човечка раса“ (Razza Umana) ја красат тосканската винарија. Изложбата е инспирирана од филозофијата на Слоу Фуд и од храната како израз на слободата и хуманоста.

Фотографирани се президиуми од различни земји како на пример Сиера Леоне, Романија, Италија, Бразил, Maкедонија и многу други.
Помеѓу фотографиите е слаткото од диви смокви. Приказната за македонскиот президиум, за малите зелени плодови, во облик на крушки, кои речиси никогаш не достигнуваат зрелост, а за кои локалното население пронашло начин за преработка во вкусен производ.

Останатите фотографии на изложбата се од луѓе од различни етнички групи и ја одразуваат сличноста и различноста претставувајќи ги луѓето што Toскани ги сретнал за време на неговите многубројни патувања.

“Ние сите сме различни и нема ништо чудно во тоа” – изјави Toскани.

“Проблем на денешницата, а истото важи и за храната, е тоа што ние се плашиме од разновидност. Тоа не прави несигурни, а ние претпочитаме да бидеме сигурни во нашата сопствена просечност”. Тој продолжува : „Ликовите се човечки пејзажи и секој од нив има своја посебна убавина. Заедно тие претставуваат голем антрополошки атлас, одлична социјална фабрика, луциден портрет на времето. Проектот „Човечка раса“ е потрага по душата преку човечките лица”.

Неговите чувства се оддек на мислата на Карло Петрини – основач и претседател на Слоу Фуд “Пред триесет години, никој не обрнуваше внимание на храната, а денес на секој ТВ канал има емисија за готвење. Храната може да не ослободи само ако биде „наша“ храна на сите постоечки и замисливи начини, но во согласност со различните култури и преференци”.
Фотографиите од изложбата “Храна и слобода” (Cibo e Libertà) може да се видат во винаријата „Петра“ во Суверето што се наоѓа во провинцијата Ливорно, Тоскана.

  • Дел од фотографиите на Оливиеро Тоскани од Слоу Фуд Президиумите може да ги видите на страницата на винаријата Петра

 

Фото: слатко од диви смокви © Оливиеро Тоскани