Академска трпеза во Универзитетот за гастрономски науки

Во кантината на Универзитетот за гастрономски науки во Полензо, Италија, во кујната гостуваат повеќе врвни готвачи. Уметност на приготвување храна по поволни цени за гости кои имаат стручни познавања во оваа сфера. Тие се дел од новиот проект „Академска трпеза“.

Кога сакаат да јадат убаво, гурманите вообичаено одат во таверната на Салваторе Тоскано, „Манџандо манџандо“ во Греве, шармантното село меѓу Фиренца и Сиена. Но овој пат, тој застана зад витрините во кантината и ги послужуваше студентите од целиот свет. Во универзитетот постои веројатно најдобрата кантина на светот, во која на смени готват врвни готвачи, меѓу кои и вистински легенди.
„Да, ова е добра можност да се проба нешто од врвните готвачи, за чии јадења вообичаено плаќаш стотици евра. Сето тоа по цена од 6 или 10 евра“, вели Меги, студент на универзитетот.
„Може да се пробаат различни регионални јадења и генерално се добива многу добра слика за италијанската кујна.“ додава една студентка од Германија.
Кај Салваторе има тоскански специјалитети, на пример риволита, односно супа со зеленчук и зелен грав. Сите состојки потекнуваат од регионот, а едно мени треба да чини под 5 евра.

Зошто еден врвен готвач би го правел тоа? Салваторе Тоскано вели: „Не може да се одбие, ова е фантастичен предизвик – да се зготват добри јадења по екстремно ниски цени.“

Универзитетот за гастрономски науки постои од 2004 година, чие формирање беше иницирано од страна на Слоу Фуд. Темите од гастрономијата се третираат чисто академски, а од годинава има и практична нагледна настава во кујната.

Карло Петрини, основачот на Слу Фуд, оценува: „Да, се работи со состојки кои чинат помалку од 5 евра е многу интересна вежба, особено кога се работи за готвачи со меѓународен углед.“
А, студентите кои овде се за да учат што е квалитетно, во никој случај не се едноставна публика. Тоа Салваторе го знае, па вели: „Многу се љубопитни, но се разбира, има и критика.“

Акцијата покажува дека доброто јадење не мора да е скапо. А, и каде на друго место од шефот на кујната се добива автограм?

Фото кредит © www.mangiandomangiando.it