Мирјана Момировиќ: Ценете го ова што го имате!

  • 09/ 11/2016
  • Босанка која живее и работи во Берлин, а потекнува од Сараево. Студирала германски јазик на Универзитетот во Сараево, каде во 1992 година се преселува во Берлин и се запишува на комуникации и стратешко планирање. После војната во Босна и Херцеговина останува во Берлин каде основа свое семејство и останува да живее до денес. Од 1992 година таа е слободен уметник. Уметник кој работи за неколку германски телевизии. Автор и режисер на серија од епизоди посветени на традицијата, културата и гастрономијата на одделни региони. За себе кажува дека одсекогаш сака креативни работи, но во недостаток на талент за сликар или пијанистка, се одлучува за режирање на филмови. Македонија ја привлекува со својата култура и гастрономија. Обожавател е на ајварот кој го прави и во Берлин. Во иднина размислува за одгледување на пчели во околината на нејзината куќа ….

    Колку години се занимавате со оваа професија?
    Од моето преселување во Берлин во 1992 се запишав на комуникации и стратешко планирање. Од тогаш јас сум слободен уметник кој се занимава со режирање на филмови.

    Зошто се одлучивте баш за оваа професија?
    Одсекогаш сакав да работам креативна работа, а немав доволно талент. Сакав да бидам сликарка или да свирам на пијано но ми фалеше талент. Додека студирав во Берлин се отвори нова насока за новинари, па ми изгледаше како одлична можност за мене. Спој на интелектуални вредности, на она што ме исполнува мене.

    Моментално се наоѓате во Буково каде се снима и нова епизода од вашата серија. Можете да ни кажете нешто повеќе за тоа?
    Серијата се вика “Zu Tish in…”- „На трпеза кај..“
    Ова е серија која ги поканува сите гледачи за активирање на своите сетила од страна, гледајќи во кујните на семејствата кои се од различни култури во Европа. Во потрага сме по локални специјалитети, занаетчиски сирења и вино, запознаваме луѓе кои се занимаваат со одгледување на овци, риболовци… „Zutish in…” е серија од 200 епизоди. Досега имаме снимано во Босна, Црна Гора, Јужна Србија, Јужна Далмација, Истра …

    Дали ова е последна епизода од овој серијал?
    Од тука продолжуваме во Шведска. Најмногу ангажмани имаме и снимаме од мај до октомври и тоа обично во рурални средини. Мислам дека овие региони имаат најмногу што да покажат и публиката го сака тоа .

    Како се прикажуваат овие филмови?
    Една епизода оди во еден месец. Секоја година имаме по 12 епизоди каде на секои две години емитување имаме презентација и на една земја. Минатата година беше прикажана Куба.

    Кажавте дека имате посетено и снимано на доста места на Балканот. Дали некое ви оставило посебен впечаток?
    Мене, секогаш ми се посебни луѓето и ги ставам на прво место а потоа локацијата каде снимаме. Ама ете .. пример Јужна Далмација е на море па имавме време да одиме на плажа.(се смее) Истра…да! работевме со брат и сестра кои постојано се караа и нешто не се согласуваа и беа премногу интересни. Можеби ете тоа ….

    Втор пат сте во Македонија …
    Првиот пат беше тура во Македонија. Ги посетивме Охрид, Дојран, Јанче, Матка. Едно од местата каде се снимаше емисија беше селото Јанче, тука беше и приказната за каменот „рубин“ и за виното од повардарието.

    Пред да дојдете во Буково бевте во посета на други места. Што е она што ве натера да се одлучите за Буково?
    Да, бевме во Кратово, Струмица, Демир Капија. Овој пат се одлучив за Буково затоа што сакав да ја претставам Македонија преку пиперките и се сконцентрирав на Пелагонскиот регион. Прво сакав да одберам фамилија со која ќе соработувам. Кога ја запознав тетка Илинка дознав дека има разлика помеѓу зачин и свежа пиперка. До овој момент јас не го знаев тоа. Кога го видов дворот на тетка Илинка сите тие пиперки, сирење и она што оваа фамилија го работи се споија сите компоненти па си реков ова е тоа што мене ми треба.

    Како сте задоволни од соработката тука?
    Одушевена сум.

    Со оглед на тоа што ова е емисија за храна и кулинарсво, колку вие често готвите?
    Готвам доста често, а во последниот период ги готвам оние специјалитети кои ги учам додека снимаме. Јас со храната дирекно профитирам на ова поле.

    Кои производи најчесто се наоѓаат на вашата трпеза?
    Ајварот мора да го има, пита готвам многу често, сирење обожавам посебно бело …

    Што мислите за Македонската гастрономија?
    За разлика од другите кујни, македонската кујна е кујна со свежи состојки што мене многу ми значи. Она што посебно ме воодушевува е што месото не е ставено на прво место, многу ми се допаѓа оваа домаќинска храна. Кујна каде што се негува традицијата со добра храна, задржување на стари специјалитети.

    Дали порано сте слушнале за Слоу Фуд?
    Да, Слоу Фуд ми е познат, ама деталите околу него не ми беа познати. Но, како поим, ми е гаранција за добра храна, каде се практикува традиционалната кујна, се задржуваат традиционалните техники, се подготвува добра храна, спротивно од она што го работи индустријата.

    Сега кога некои работи ви се појасни околу Слоу Фуд. Како ви е допаѓа она што го работи Слоу Фуд?
    Слоу Фуд е она што јас секогаш го поддржував и без да знаам се за него. Овие напори што ги прави Слоу Фуд за зачувувањето на храната, традицијата, поддршката на малите фармери јас длабоко верувам дека ќе бидат успешни. Ние на западот цело време сме во контакт со нездрава храна каде секој ден се откриваат скандали околу храната. Ценете го ова што го имате вие, го нема секој!

    Кога да ја очекуваме епизодата „на трпеза со фамилијата Главевски“?
    Серијата ќе се емитува следната година. Со оглед на тоа што тука Арте ТВ ја нема на сите кабелски оператори со дозвола од уредничката ќе ја добиете на ЦД.

    За крај..кои се вашите планови во иднина? Можеби Македонија повторно ќе биде на вашата листа на емисии?
    Па во план е серија за езерата на Балканот. Сигурно ќе дојдам уште еднаш. Овој пат во Охрид. Ќе го презентираме Oхридското езеро со неговата историја и убавини.

    Интервјуто го ведеше Анита Главевска
    Фото кредит © Slow Food Macedonia архива