Чурек со слатко од диви смокви


Велигденските празници се период од годината каде целото семејство е собрано во домот, околу трпезата, каде неизбежни се традиционалните велигденски пецива. Едно од нив е Чурекот, познат уште под името козињак, плетенка или мириброд. Во различни региони во земјата е именуван по различни имиња, замесен со различни состојки, препознатливи за регионот каде се подготвува.
Суво грозје, џем, слатко , … се дел од состојките кои ги „бараме“ додека го вкусуваме овој слоевит традиционален специјалитет.
Овој пат се одлучивме со вас да го споделиме рецептот на Македонка Узунова од Валандово која неможе да замисли семеен собир, а на нивната трпеза да не се најде чурекот со слатко од диви смокви. Таа е член на Президиумот на слаткото од диви смокви, а поседува и мала, семејна пекара за бели пецива. Во нејзината работа, во рецептурата за чурекот кој го подготвува, го вклопила и слаткото.
Во овие празнични денови, Македонка го споделува нејзиниот рецепт со нас.

       Потребни состојки:

• 1кг. брашно
• 3 јајца
• 200 гр. шеќер
• 2 кесички ванилин шеќер
• 1 коцка свеж квасец
• 0,5 литри млеко
• 1 мал филџан масло
• 600 гр. сецкани смокви (од слатко од диви смокви)

Начин на подготовка:

1. Изгмечете го квасецот и помешајте го со млекото;
2. Додадете една лажица шеќер и една лажица брашно;
3. Оставете ја смесата да нарасне;
4. Во преостанатата количина на млеко додадете го шеќерот, промешајте да се раствори.
5. Во сад за месење ставете ги брашното, квасецот, млекото со шеќерот, додете ги и ванилиниот шеќер , маслото и јајцата;
6. Замесете го тестото и потоа оставете го да нарасне;
7. Тестото се облекува по желба, во форма на плетенка, погача и сл;
8. Еден од начините е да се подели на четири дела и секој ден се сука во кора во форма на правоаголник со должина на калапот во кој ќе го печете;
9. На секоја кора се става слатко од диви смокви и се завиткува во ролна;
10. По две завиткани кори, сплетете ги во плетенка и испечете ги во долги калапи;
11. Печете ги на температура од 220°С додека се зацрвенат на површината, а потоа намалете ја температурата на 150°С и печете уште 40 минути.

Совет:
Најдобро е Чурекот да го послужите наредниот ден. Исечете го со остар нож на тенки кришки. Идеален десерт е за саденки во друштво со шолја чај.

Добар апетит!