Угостителите нудат македонска кујна со странски земјоделски производи

  • 24/ 04/2017
  • Хотелите и рестораните во туристичките капацитети во земјава не користат земјоделски производи од локални земјоделци, туку набавуваат вакви производи преку големи дистрибутивни синџири. Спротивно на нашата практика во регионот локалните земјодлески производи се дел од туристичката понуда на угостителите, а во Европа станува стандард употребата на локални производи во угостителските објекти.
    Причина за ваквата состојба во земјава, како што посочија денеска од Стопанската комора, е тоа што индивидуалните земјоделци имаат производство кое не е стандардизирано, што пак е задолжително за угостителството.

    Во регионот, посебно во Црна Гора и во Словенија состојбата е далеку поинаква. Црна Гора преку стимулативни мерки и програми успеа драстично да го зголеми уделот на локалните производи во гастрономска понуда на угостителските објекти посебно во туристичките центри. Во оваа земја поврзувањето на туризмот со малото земјоделско производство стана приоритет кој се остварува преку два проекта: 3К( квалитет континуитет и квантитет) и 3С (спрецијализација, субвенции и сега и веднаш). Во Словенија, пак, системот е развиен до таа мерка што невладини организации се специјализираат за водење на маркетинг и продажбата на производите на малите земјоделци.

    – Кај нас само некои етно-угостителски обејкти кои нудат гастрономска кујна со локален предзнак користат локални производи. Има и туристички агенции кои во своите аранжмани предвидуваат посета на зелени пазари и подготовка на храна од производите набавени од локални земјоделци. Но тоа не е практика кој укажува на поврзаност на угостителите со индивидуалните земјоделци – вели Васко Ристовски од Стопанската комора.
    Ваквата состојба, според него, е резултат на незаинтересираност на институциите за развој на ваквиот вид поврзаност иако постојат неколку програми кои се финансирани од европските фондови.

    – Стратегијата за рурален туризам која покрај другото требаше да обезбеди користење на локални земјодлески производи во подготовката на храна во угостителските капацитети не заживеа. Дел од парите кои ЕУ ги дава преку своите фондови не беа искористени, дури дел беа запрени. Во тек се неколку проекти ,но се уште нема резултати кои би биле задоволителни– посочи Ристовски.

    Од Стопанската комора предлагаат да се воведе систем на следење на земјодлеското производство според одредени локални стандарди за да може производите да добијат сертификат.
    -Потребно е формирање и на посебни дистрибутивни центри за откуп на производите од локалните мали земјоделци кои ќе им овозможат на угостителите набавка на нивни производи преку целата година- вели Даниела Михајловска Василевска од Стопанската комора.

    Во екот на туристичката сезона лани, според податоците на Стопанската комора, земјоделците, продале производи во вредност од 175 милиони долари.Вкупниот извоз на земјодлески производи е 550 милиони долари, а увозот 700 милиони долари.

    Текст: Рада И. Маневска, Плусинфо
    Фото кредит © Иво Данчев / Slow Food архива