Компостирањето – решение за проблемот со прекумерниот отпад

  • 20/ 07/2018
  • …или како да започнеме со органско производство во нашата градина.

    ,,Секојдневно сè повеќе се гушиме во сопствениот отпад”. Наместо да седиме со ,,скрстени раце” и да очекуваме некој друг да ни го реши проблемот, време е да ги ,,засукаме ракавите” и да почнеме да дејствуваме, пред сè со чистење на сметот од сопствениот двор. Нè очекува долг пат кој ќе го почнеме со првиот чекор што ќе го направиме во својата околина, во сопственото домаќинство, така што ќе почнеме да компостираме. Лиценцата за компостирање ѝ припаѓа на природата, но тоа не значи дека и човекот не може да компостира. Напротив, секој од нас може да компостира. Пробајте да компостирате, следејќи ги упатствата што овде ќе ги прочитате. Верувајте, ќе добиете компост.

    За развиените земји не постои отпад. Тој или се рециклира, или се користи како енергенс. Рационалниот европски Запад нe признава отпад, туку на сите начини се обидува да биде прагматичен и да го искористи за општ бенефит. Европската Унија е целта кон која се стремиме. Доколку сакаме да станеме и ние член на тоа посакувано семејство, мораме да ги смениме нашите стари лоши навики во однесувањето со животната средина. Пред сè најважен пункт кон кој ќе треба да ги насочиме нашите напори е третманот на отпадот. Македонија, реално гледано, има проблеми со отпадот. Таа е претежно аграрна земја која произведува огромни количини земјоделски производи, па сразмерно на тоа создава и големи количини органски отпад.

    Поради стихијното, непланирано и недоговорено производство, речиси секоја сезона имаме хиперпродукција, односно вишок на производи кои остануваат без пласман или, пак, земјоделските производители, незадоволни од откупните цени, едноставно се откажуваат од нивната продажба. Ова, аграрно производство, на крајот, завршува како смет заедно со останатиот отпад. Доаѓа до пребукирање на депониите, до создавање на нови непрописни места за одложување отпад, најчесто на излезите од населените места, покрај патиштата, или во речните корита и во каналите. На тој начин се загадува околината и се создава мошне грда слика. Наместо тоа, можеме да имаме поинаква, подобра состојба. Отпадот од неорганско потекло со рециклирање може повторно да се употреби во процесот на производството, а исто така, и отпадот од органско потекло може повторно да се искористи, односно да се врати во производството, и тоа ако се претвори во органско ѓубриво со процесот на компостирање.

    Зошто да компостираме? Неорганскиот отпад кај нас и главно во светски рамки досега се третира обично со негово селективно собирање и рециклирање, односно со негова повторна употреба во процесот на производството. Органскиот отпад во нашата земја сè уште не се третира, односно за овој вид отпад не постои никаков интерес за негово рационално искористување. А, токму овој вид отпад, ако не се третира соодветно и навремено прави огромни проблеми. Овој отпад е подложен на брзо гниење, односно скапување, при што се шири непријатна миризба, смрдеа и притоа ослободува штетни материи кои ја загадуваат околината (воздухот и почвата). Но, доколку овој отпад селективно се собере во свежа состојба, се иситни и се измеша со суви лисја и градинарска земја, тогаш не се случуваат тие штетни последици, туку се добива нешто корисно – се добива органски компост. Се разбира, овој процес познат како компостирање треба да се одвива во компостери, а компостната смеса потребно е да се меша редовно еднаш седмично во рок од 4 до 5 месеци. На крајот ќе се добие квалитетен органски компост, кој може да се користи во земјоделското производство, или во сопствената градина при производство на органска храна.

    Производството на органски компост, всушност, поаѓа од она што секојдневно и постојано се случува во природата. Во природниот свет се случува она што се нарекува кружен тек на органската материја. Исушените лисја, трева, стебла, цвеќе и други материи – она што го земаат од земјиштето во текот на животот, повторно го враќаат по својата природна смрт. Ова кружно движење на органската материја претставува основен услов за опстанок на природата. Овие материи, во природни услови се разложуваат и создаваат хумус кој служи за хранење на растенијата. Во природата овој процес се случува непрекинато, без вклучување на човечкиот фактор, бидејќи не постои потреба. Органските материи се во чиста природна состојба и не доаѓа до мешање со неоргански отпад, така што нема потреба од селективно собирање, а сите тие природни услови нудат и сè друго што е потребно за создавање на квалитетен хумус, пред сè земја, влага и доволно кислород.

     

    Во урбани услови најчесто се случуваат спротивни процеси. Органскиот отпад од домаќинствата, конзервните фабрики и зелените пазари главно, се депонира во контејнерите со другиот смет и заедно со сиот отпад завршува на легалните или, пак, во најлош случај, на дивите депонии. Во рурални услови овој органски отпад (непродадените количества зеленчук и овошје, како и биомасата која останува по полињата) најчесто завршува покрај речните корита, до патиштата, меѓу нивите или, пак, на некои други диви депонии. На тој начин, не само што неповратно се губи огромно количество органска материја, туку доаѓа и до опасна деградација на земјиштето на кое се депонира тој отпад. Еден од главните предуслови за органско производство е постоење на здраво земјиште. За создавање на плодно земјиште потребни се стотина години, а за негова деградација, само неколку месеци. Земјиштето е необновлив ресурс кој треба да овозможи производство на храна, која ќе биде квалитетна и пред сè здрава.

    Грижата за земјата, меѓу другото, подразбира и нејзино третирање со органски компост, наместо со вештачки ѓубрива. Токму затоа е потребно да се обезбеди како во урбани, така и во рурални услови, кружно движење на органската материја, односно да се овозможи повторно враќање на органскиот отпад во земјата во вид на органско ѓубриво, познато под името компост. За да се успее во тоа потребен е човечки ангажман. Потребно е да се реализира процесот на компостирање, кој во такви услови не го врши природата, туку човекот. Неопходни услови за извршување на овој процес е претходно селективно собирање на отпад и негова дистрибуција до компостерите во кои ќе се измеша со градинарска земја и суви лисја за да се создаде компостна смеса. Оваа смеса понатаму редовно ќе се меша еднаш седмично, четири до пет месеци, сè додека не се разложи и не зрее во компост. Со методот на компостирање, органскиот отпад се отстранува од депониите и од некои други несоодветни места, и тоа на безбеден начин за животната средина и корисен за производството. Добиениот компост претставува важен извор на хранливи органски материи кои можат да се употребат во органското производство. Производителите кои користат компост имале можност да се уверат дека нивните производи по вкус и арома се многу подобри од оние кои се одгледувани со вештачки ѓубрива, а експертите тврдат дека и хранливата вредност им е поголема.

    Што е тоа компостирање и компост? Компостирањето е најстар и најприроден начин на рециклирање на органската материја. Тоа е процес на разградување каде хумификацијата на органските материи оди до крај, при што се добива темна материја која што изгледа и мириса како хумус. Компостирањето е процес на биодеградација – контролирано биолошко разградување на органските материи содржани во органскиот отпад (зеленчук, овошје и слично), измешан со кафеава маса (суви лисја, гранки и слично) и градинарска земја во присуство на кислород, микроорганизми и доволна влажност.

    Компостирањето како процес управуван од човекот, всушност, е забрзување на начинот на кој природата рециклира. Она што на крајот ќе се добие е компост. Тоа е биотермички метод на разградување на органските материи до состојки кои се безопасни за човекот и околината. Терминот компост доаѓа од латинскиот збор composituc што значи сложен или составен, а се однесува на смеса од различни органски отпадни материи кои под дејство на кислород и микоорганизами се разградуваат до ѓубриво. Компостот е, пред сè висококвалитетно органско ѓубриво. Тоа е растресит материјал со темнокафеава, темносива или црна боја и со изглед и мирис на плодна земја, т.е. хумус.

     

    Извор: Брошура за компостирање
    фото кредит © Slow Food архива

     

    Поддржано од „Програма за зголемување на пазарот на трудот“, кој го реализира Swisscontact Macedonia, а финансиран од “Swiss Agency for Development and Cooperation“. Ставовите изнесени во статијата не ги изразуваат ставовите на донаторот.