Подготвена и иницијална листа на традиционални производи

  • 06/ 02/2019
  • Македонија мора да воспостави систем за заштита на традиционалното производство и за поддршка на локалните производители. Законски решенија имаме, но не и позитивни резултати. Се уште само еден производ во земјава е регистриран со ознака за квалитет. Се уште немаме листа на традиционални производи со детален опис и историска поврзаност со регионите. Постои само Национална листа на автохтони земјоделски култури и раси добиток во која се евидентирани 410 автохтони растенија и пет автохтони раси животни.
    Македонски ајвар, лутеница, тетовски грав, македонска трушија, галичко сирење и кашкавал, се само мал дел од долгата листа традиционални производи чие производство треба да го поттикнеме и заштитиме.

    -Полека го губиме идентитетот. Свесни сме дека младите генерации се повеќе се на брза храна, се помалку има традиционални производи во продавниците. Ние имаме должност да ги заштитиме традиционалните македонски производи како наше културно наследство и тоа ќе го сториме. Многу малку е досега направено, многу малку ресторани ги служат традиционалните специјалитети и малку продавници ги продаваат, смета Слободен Чокревски од Слоу фуд Македонија според кој, нашиот идентитет не е само во културното наследство – музиката, народното творештво, литературата, туку и во храната. Но, и на овој сегмент многу малку се работи.
    Слоу фуд Македонија за оваа цел изготви Иницијалната листа на традиционалните производи во Македонија. Документот содржи 153 производи, мапирани ширум земјава, но подетално се опишани 51. Ова, оцени, е солидна бројка ако се земе предвид дека на ниво на ЕУ се заштитени околу 1.500 производи.

    Листата првпат официјално беше промовирана дента кога Слоу фуд Македонија ја официјализираше соработката со Министерството за земјоделство. Примерок лично доби и министерот Љупчо Николовски. Му го врачи Николче Николовски од Слоу фуд Македонија пред потпишувањето на Меморандумот.

    Слоу фуд Македонија изминатите десет години собираше информации за автохтоните производи и ги каталогизираше во т.н. Арка на вкусови. Досега во Арката која брои околу 5.000 производи од целиот свет, 36 се македонски.

    Целосната „Иницијална листа на традиционални производи“ може да ја погледнете  тука.

    текст: Мирјана Чакарова

    фото кредит © Slow Food Macedonia