2.3Hrana 3.3Raka

Од еко-гастрономија до нео-гастрономија,
Слоу Фуд верува во „нова гастрономија“ како слобода на избор, како едукација, мултидисциплинарен пристап кон храната кој ни овозможува да ги живееме нашите животи што е можно подобро и поквалитетно, користејќи ги ресурсите кои се вредни за нас.

Слоу Фуд се залага за добра, чиста и правична храна за сите.

ДОБРА– значи вкусна храна способна да ги стимулира и задоволи сетилата на консументот и дава задоволство додека се јаде. Добра е свежата и сезонска храна, набрана кога плодовите се природно зрели, за разлика од тие кои се селектираат заради нивната можност да издржат подолг временски период и транспорт на долги релации. Локално прифатливи сорти и раси кои се отпорни на болести и одговараат на потребите на локалното население. Добра храна е онаа која придонесува за развојот на локалната заедница и во зачувувањето локалните пејзажи и регионалноста. Храна која е дел од општествената култура и идентитет.
ЧИСТА- значи здрава храна, произведена во хармонија со природата, каде производителот ја почитува животната средина, благосостојбата на животните и човековото здравје. Храна произведена со грижа за здравјето на растенијата и животните. Производство кое го осигурува опстанокот на традиционалните и одржливите методи на производство кои имаат позитивно влијание врз нашите локални екосистеми. Разнобразност на храната од домородните видови, раси и сорти. Храна со „мал број километри“, помал транспорт, помалку пакување и без употреба на заштитни средства, што значи и помалку загадување на животната средина. Чистата храна е добра за човекот, но добра и за нашата планета.
ПРАВИЧНА- Слоу Фуд верува дека храната е универзално право на секој. Храна која е фер и социјално одговорна, достапна за сите, без оглед на приходот, со пристапни цени за потрошувачите и фер услови за плаќање на малите произведители. Преку правичната храна се почитува достоинството на производителите и правилно се вреднува нивниот труд, каде секој добива правична заслуга и признание за неговата работа.

Слоу Фуд верува дека секој мора да има пристап до добра, чиста и правична храна!