Партнерства на иднината

Големината на Слоу Фуд како организација е во нејзината активност во различни точки на земјината топка преку локалните членови, производители и експерти, кои се вмрежени во една глобална мрежа.
Отвореноста на членовите на Слоу Фуд ширум светот, да научат нешто ново и да го споделат своето знаење со други, е она што особено ме импресионира и ме прави горд што сум член на оваа глобална заедница.
Особено е чест за релативно млади членови и организација во Македонија, да не контактира и понуди соработка некој со далеку подолг стаж и организирана структура на организацијата.
Слоу Фуд Холандија е организација со 20 годишна историја на делување на полето на добрата, чистата и правичната храна, која денес брои 20 конвивиуми.
Деновиве имавме чест наш гостин да биде Рене Зандеринк, биолог, истражувач и новинар за еко-гастрономија, член на холандската национална комисија на „Арка на вкусови“. Во опуштена атмосфера на охридското крајбрежје, на работниот состанок Рене најпрво не запозна со нивните проекти и деветте президиуми на кои работат, а ние му ги презентиравме нашите искуства и развој на организацијата во изминатите три години, на кратко ги претставивме македонските региони и спецификите на локалната гастрономија.
Многу разлики и локални специфики, но слични концепти за заштита на древните техники и технологии на производство. Беа лоцирани многу сличности, кои се надополнуваат една на друга, и кои би биле основа за многу соработки, како ловот и преработката на нивните Анчови риби со риболовот на мандра во Дојран, циронките во Преспа или Охридската пастрмка. Зачувувањето на локалните стада на овци во Холандија, поконкретно двата президиуми: Дренте Хит и Кемпен и нашите соеви на праменка и каракачанска овца, потоа овчото сирење Тексел и нашиот президиум на овчи сирења од Маврово-реканскиот регион како и сирењата од подпелистерските села и Мариово за што посебно се интересираше проф. Никола Козаровски.
Низ спонтаниот разговор, пролетаа уште многу идеји и можни точки на наше спојување, на некои идни заеднички задачи, со разгледување на можни донатори и поддржувачи на активностите.
За почеток на соработката беше договорена обемна репортажа за Македонија, националната кујна, Слоу Фуд во Македонија и производите кои се во нашиот фокус на интерес, тема која ќе биде обработена во холандскиот Слоу Фуд Магазин, во мартовскиот број во 2012 година, во период кога многу холаѓани одлучуваат каде би го поминале летниот одмор.
Искрено се надевам дека ова е само почеток на една успешна и долгорочна соработка, која ќе го зацврсне македонско-холандското пријателство и преку која ќе се реализираат заедничките цели и напори, да се зачува биодиверзитетот, како битен предуслов за квалитетен живот денес, но и нашите поколенија.

Николче Николовски