Само ние сме одговорни за понудата на храна

sf.pripelp-todorka
Од „Прилеп на точак“ одлучив поактивно да се вклучам и мојот активизам да го фокусирам во активизам за храна © Тодорка Наумоска Димески, лична архива

Конвивиум кој изобилува со позитивна енергија, членови кои со својот ангажман и идеи можат многу да придонесат во својата заедница и во делувањето на мисијата на Слоу Фуд.

Формирањето на Слоу Фуд Прилеп беше во еден можеби, несреќен момент, пред почетокот на пандемијата. Но тоа не ги намали ентузијазмот и енергијата на членовите на новата заедница во мрежата на Слоу Фуд Македонија, ниту пак придонесе кон откажување од нивните намери  и планови за делување, кои засега делумно ги одложи. Предводени од лидерката Тодорка Наумоска Димески, овој тим има многу што да каже. Со цел поблиску да се запознаеме го реализираме ова интервју.

Активист во повеќе иницијативи во Прилеп, нутриционист по струка, дали овие две работи ги споивте во активизам за храна?

Се ова започна многу одамна. Понесени од потребата слободно и безбедно да се движиме на велосипед пред се низ градот но и пошироко и желни да ја кренеме свесноста на луѓето на оваа тема на едно повисоко ниво, ја создадовме Критичната маса и воедно „Прилеп на точак“. Оттогаш работите тргнаа по својот природен тек и бидејќи мојата струка е нутриционист одлучив поактивно да се вклучам и мојот активизам да го фокусирам во активизам за храна. Сега, можам да кажам, дека покрај физичката активност, се соочуваме со потребата не само да се нахраниме, туку да обезбедиме квалитетна, здрава и свежа храна за нас и нашето семејство. Бидејќи сме земја во која се судираат медитеранската и континенталната  клима, се ова можеме да го најдеме околу нас, само треба малку да се потрудиме: да ги обучиме производителите на храна (земјоделците, сточарите, винарите…) како да произведат таква храна и да им посочиме на консументите како да ја препознаат истата и како да ги користат бенефитите кои ги нуди.

Верувам во овој конвивиум и многу ми е мило што ја добив довербата на членовите на Слоу Фуд Прилеп со тимот ќе се потрудиме Прилеп да го ставиме на мапата на успешни конвивиуми © Тодорка Наумоска Димески, лична архива

Што значи да сте лидер на Слоу Фуд Прилеп, Кој е вашиот личен предизвик во улогата на лидер? Koј е потенцијалот на конвивимот, познавајќи поголем дел од членовите имате амбициозна заедница?

Конвивиумот во Прилеп се формираше на почетокот од 2020 година. Се направи една прекрасна фузија на членови, сите со различни професии но сепак поврзани преку љубовта за храната. Верувам во овој конвивиум и многу ми е мило што ја добив нивната доверба и бев избрана за лидер. Се надевам истата ќе ја оправдам. Со овој тим ќе се потрудиме Прилеп да го ставиме на мапата на успешни конвивиуми. Имајќи ја предвид моменталната состојба на светско ниво, немавме можност да се промовираме пред пошироката јавност и да ги реализираме планираните активности, бидејќи приоритет на сите нас е да го зачуваме нашето и здравјето на нашите најблиски. Но ништо не е изгубено, 2021 година е пред нас и се надеваме дака таа ќе биде помилосрдна. 

Прилеп располага со големо  културно наследство, култура на храна и развиено земјоделство во Пелагонија,  кои претставуваат огромен потенцијал за градот. Прилепскиот пазар е еден од најбогатите со локални производи, како и пазарот за сирење…

Точно. Имаме многу голем избор на производи на пазарот и за среќа добар дел се од локални производители. Самото тоа зборува дека прилепчани знаат да ги вреднуваат квалитетните намирници, и затоа  производителите успеале да  опстојат до ден денес. Знаеме кој, каде има бавча, како ги одгледува производите, каква вода користи и слично.

Имаме идеја овие производители да ги вклучиме во Слоу Фуд заедницата, да им ги објасниме придобивките, да ги вклучиме во обуки, дискретно да ги обележиме, за сите оние кои знаат што значи Слоу Фуд и која е идеологијата позади неа да можат полесно да ги препознаат. Важно е да ги поддржиме производителите бидејќи храната која ја продаваат е квалитетна, свежа и локална, за разлика од онаа која на пазарот ја нудат препродавачите.

Во врска со пазарот на сирење, само оној кој не го посетил не знае што се има да понуди. Различни бои и мириси, придружени со животните приказни на производителите. За среќа покрај неколкуте поголеми млекари во градов, сé уште има мали производители кои покрај тоа што произведуваат сирење, сами и го продаваат. Има мариовско биено, кравјо, овчо но и козјо меко, зрело, но и младо, солено или помалку солено. Едноставно тоа е место каде што може да се задоволи вкусот и на најпребирливите гурмани.

Се ова зборува за префинетиот вкус на прилепчани, на кои овој пат, тврдоглавоста која ја имаат, им помогна да ги зачуваат традиционалните јадења и намирници.

Дали ќе предложите некој од автентичните производи за на Арката на вкусови, како и за Президиум?

Колку повеќе размислувам се посигурна сум дека Мариовското биено сирење заслужува Президиум. Мариово е регион кој е недоволно поддржан, иако нуди бескрајни можности. Од чистaта и недопрена природа, чист воздух, екстензивен начин на одгледување на добитокот, па се до богатата флора и фауна. Сето ова но и изолираноста на регионот од останатите региони во Македонија овозможува производите кои се произведувааат тука да имаат посебен акцент и автентичност. Еден од нив е Мариовското биено сирење, кои исто како и регионот од кој потекнува, жилаво опстојува се до денес. Иако во Мариово нема останато многу жители, призводството на биеното сирење не престанува. Дел од нив кои во борбата за подобар живот се исселиле во другите делови од Македонија, со себе ја понеле и тајната за негово производство, да им служи како нитка која ќе ги поврзува со родното место. Начинот на кој е добиено млекото, специфичниот начин на производство и неговиот вкус се од посебно значење за нас, и ниедна трпеза во Прилеп не може да се замисли без него.

За во Арката на вкусови мислам дека за почеток треба да ги предложиме Плетварскиот планински чај и се разбира Прилепскиот ширден.

Туристичкиот потенцијал? Прилеп, Мариово имаат одлични можности да станат Слоу Фуд Травел дестинација

Во оваа 2020 година сите ние имавме можност одблиску да ја запознаеме Македонија. Јас се фокусирав на Мариово. Целосно го променив мислењето кое го имав претходно, иако посетив само мал дел од него.

Мариово има што да понуди, треба ние да бидеме мудри и тоа да го искористиме и да се потрудиме Мариово да стане Слоу Фуд топ дестинација. После ден исполнет со разгледување на многубројните цркви и манастирите, старата автентична архитектура која совршено се вклопува во околината, артефактите од минатото, природните убавини кои ги нуди Мариово храната е уште повкусна.

Сирењето со посебен мирис и вкус, лебот печен под вршник, месото од животни кои цел живот го поминале слободни, печурките израснати во недопрената природа, доматите и пиперките, природниот мед… заедно со мариовскиот чист воздух и тишината, па дали има што повеќе да се посака.

Многу е важно децата да се едуцираат и да знаат да одберат храна која е добра за нив © Тодорка Наумоска Димески, лична архива

 Едукацијата е битен сегмент, нешто што сте го започнале и претходно, дали можеби дел од активностите ќе се развиваат во тој сегмент?

Без разлика дали станува збор за едукација на консументи или производители мислам дека таа е од најголема важност и најдобро е да се започне со неа од најмали нозе. Минатата година на покана наставничката Зорица Трајаноска од ООУ Климент Охридски во повеќе наврати одржав едукација на учениците од 6 до 9 одделение. Се потрудив да им ја доближам храната на еден поинаков, поинтересен начин, не само преку теорија туку и практично. Тоа е потребно бидеќи тие уште од мали се потрошувачи и е многу важно да знаат да одберат храна која е добра за нив , а тоа значи здрава и квалитетна. Вакви практична едукација  мислам дека е потребно да се воведат и во курикулумот, но се додека тоа не се случи ние како Слоу Фуд сме спремни да одржуваме работилници за децата, како на покана од училиштата, така и во склоп на годишните активности.

Тука не треба да ја занемариме и едукацијата на возрасните, кои поради брзиот начин на живот како да заборавиле на важноста на храната.

Оваа година планирано е проширување на проектот Училишни градини и во Пелагонискиот регион. Какво е вашето мислење околу тоа?

Од оваа година на наше големо задоволство и Прилеп ќе се вклучи во проектот на Слоу Фуд Водно – Училишни градини. Амбициозно започнавме, вклучивме дури четири училишта од градот, бидејќи имаше голема заинтересираност. Сите училишта се со различни просторни можности, што претставува предизвик повеќе да покажеме дека за за успешна училишна градина не се потребни идеални услови. Доколку потои желба а притоа се биде и посветен на идејата, можностите се бескрајни. Голема заинтересираност покажаа и граѓаните на Прилеп па се надеваме дека нема да ни недостигаат волонтери.  Преку училишните градини на децата поблиски ќе им станат и биологијата, физиката, математиката, социологијата, хемијата… затоа што сите овие науки се тесно поврзани со производството на зеленчук. Ни останува само да почекаме цела оваа состојба со пандемијата да се стабилизира, за учениците да се вратат онаму каде што им е местото, во училиштата, за да може да го реализираме овој преубав проект.

Блогот е во подготовка и се надевам дека ќе успеам да понудам разновидност во исхраната, да го направам готвењето задоволство, а не обврска бидеќи храната не е само биолошка потреба таа е многу повеќе © Тодорка Наумоска Димески, лична архива

Готвите, се обидувате и опипувате пулс како блогер за храна?

Израснав во работничко семејство во кое мојот татко беше задолжен за изборот на продукти, а мојата мајка беше задолжена за готвењето. Љубовта за готвење ја наследив од неа, ме научи во секој оброк да внесам дел од себе и  дека храната подготвена со љубов е повкусна.

Бидејќи покрај љубовта од неа го наследив и тоа да не готвам со точно измерени намирници се јави потребата во склоп на режимите на исхрана кои ги подготвувам за моите клиенти да понудам и рецепти кои ќе можат да ги рекреираат. Така увидов дека готвењето ми претставува и задоволство, тука го пронаоѓам мојот зен и добив идеја не само на моите клиенти туку овие јадења да ги понудам на пошироката јавност. Се трудам неосетно да го наметнам готвењето со намирниции кои се здрави, сезонски и локални, но знам да подготвам и храна за душа, традиционална, но и модерна. Блогот е во подготовка и се надевам дека ќе успеам да понудам разновидност во исхраната, да го направам готвењето задоволство, а не обврска бидеќи храната не е само биолошка потреба таа е многу повеќе.

Со целата ваша пасија и поврзаност со храната, која е вашата девиза или порака која сакате да ја пренесете до пошироката заедница?

Ние сме она што избираме да го јадеме. Да станеме свесни дека само ние сме одговорни за понудата на храна. На пазарите и во продавниците се продава само она кое сме подготвени да го купиме. Време е да се едуцираме и да ја искористиме нашата моќ. Моќ да ја креираме понудата. Да одбереме здрави, квалитетни и локални производи. Разновидни – со што ќе помогнеме за зачувување на биодиверзитетот. Од мали производители кои освен за заработка тоа го прават со многу љубов и посветеност. На тој начин освен што си помагаме на самите себе, помагаме и на наши роднини или пријатели, непосредно на локалната економија, помагаме во зачувувањето на животната средина и традицијата.

Доколку сте во можност – направете ваша градина. Доколку не сте – засадете сезонски билки. Радост и уживање е да се консумира храна која сами сте ја одгледале.

Интервјуто го водеше: Николче Николовски