АКТУЕЛНО24: Меѓународна работилница за локална храна се одржа на Пелистер

Меѓународна работилница под наслов “Локалната храна е важна” се одржа деновиве во Трново под Пелистер во организација на Слоу Фуд Битола, Македонија и Форум Синерџи, Брисел, Белгија.

Станува збор за настан на кој присуствуваа 70 учесници од 16 земји од Европа од кои шест беа од Балканот. Учесници беа претставници од Европската Комисија, национални министерства за земјоделство, национални агенции за земјоделство и храна, активисти од повеќе невладини организации, експерти и производители.

Оваа работилница се одржа со цел за изнаоѓање на добар баланс помеѓу хигиенските правила, производство во мал обем и квалитет. Слоу Фуд Битола со овој настан помогна за воспоставување на канали за соработка со ЕУ и вмрежување со цел споделување на заеднички ставови за малите локални производители на храна.

Настанот започна со Слоу Фуд вечера за меѓусебно запознавање на сите претставници и со презентација и дегустација на локални производи и специјалитети од повеќе региони во Македонија кои веќе се вклучени во проектите на Слоу Фуд во Македонија.

Во рамките на овој настан беа организирани и посети на производства од мал обем, каде учесниците имаа можност да посетат места каде се произведуваат производи на традиционален начин меѓу кои беа: Крушево (производството на колбаси), Стење (рибарство и циронки), Трново (овчо сирење), Дихово (мед) и Буково (буковска пипер).

На панел дискусиите кои потоа следеа, предмет на разгледување беа малите производители на храна, кои играат важна улога за одржлив развој и заштита на природата во руралните области и регулативите кои го засегаат нивното производство.

Учесниците на работилницата донесоа заклучок во форма на документ во кој ги повикуваат Европската комисија и Националните министерства да вклучат јасни и задолжителни одредби за флексибилност во нивните законски прописи со кои гарантираат поедноставни и пропорционални правила за производствоза малите производители на храна.

Локалните производители на храна често се соочуваат со строги барања, поврзани со непропорционални инвестиции во преработувачките капацитети. Учесниците на работилницата ги повикаа надлежните власти на национално, регионално или локално ниво да ги применат минималните ограничувања кои веќе се предвидени во постојаната законска регулатива.

Со цел да се промовираат најдобрите практики треба да има соработка и обуки помеѓу производителите, фармерите, преработувачите и локалните власти.

Локалните производители на храна треба да воспостават водичи за добри практики. Соработката помеѓу актерите на синџирот на дистрибуција на локалната храна да биде поддржана и да ги вклучуваат граѓанските организации со цел обезбедување и застапување за прашањата поврзани со локалната храна. Тие треба да соработуваат со граѓанското општество со цел да се изгради доверба кај потрошувачите, исто така и со помош на едукативни активности и споделување на знаења за нивните прехранбени производи.

Таму каде надлежните органи не се подготвени да ја превземат одговорноста тие можат да користат одрекување: Локално прехранбен производ. Безбедност на производи загарантирана од страна на производителот.

На крај, како финален заклучок кој учесниците го донесоа дека локалната храна е важна и секој од нас треба да ја препознае нејзината автентичност и важност.
Извор: http://aktuelno24.mk/megunarodna-rabotilnitsa-za-lokalna-hrana-se-odrzha-na-pelister