Бар Код Магазин: Храната зборува сама за себе

Ако мислевте дека храната е нешто кое го внесувате во себе само за да го издржите денот и да имате енергија за нормално да функционира вашето тело, грешите. Погледнете го текстот подолу, и ќе сфатите колку многу симболички значења има храната за човештвото, и колку е таа испреплетена со сите аспекти од нашиот живот

Ќе се изненадите колку комплексност носи секое навидум едноставно седнување на трпеза.

Ако ја разгледуваме храната како симбол, најпрво треба да се потсетиме дека симболот е објект, идеја или активност која вообичаено се користи да укаже, покаже или асоцира на нешто друго. Храната е исклучително моќен симбол, затоа што е длабоко навлезена во нашиот секојдневен живот.

Таа исполнува физички, но и психолошки и емотивни потреби, а со тоа што ги побудува речиси сите наши сетила и предизвикува силни емотивни и спознајни асоцијации. Таа исто така има симболички потенцијал и од аспект на национален, етнички, религиозен, филозофски и највеќе од се- социјален аспект.
За да се разбере на кој начин храната претставува етнички или религиозен симбол, можеме да се потсетиме дека, цели нации или групи се идентификуваат според своите начини на хранење- Италијаните со пицата, Американците со хот-догот, Мексиканците со тортиљата, Азијатите со оризот, но и Македонците со ајварот или пиперките.

Нема поприфатен симбол на нечии идентитет од храната. Понатаму, постои идентификација на религиозни групи кои на пример, не консумираат свинско месо или алкохол; освестени групи кои не јадат месо  и слично. На блискиот исток, но и пошироко, лебот и виното се силна асоцијација за вредностите на дружење и спремност за помош и давање, поради своите библиски корени, во сликите каде што Исус го крши лебот да го подели со своите блиски.
Така доаѓаме до најмоќната улога на храната во нашите  животи, а тоа е нејзината способност да ги поврзе луѓето. Социјалната сила на храната се огледа во многу ситуации. Навиката луѓето да се собираат за да јадат заедно и при тоа да разговараат и да создадат блискост е само мал дел од многуте аспекти на поврзување која таа ги нуди.

Ситните детали за време на тој чин, како што е подавање на чиниите за секој да се послужи, начинот на распоред на седењето и востановените ритуали на редоследно јадење, само го потенцираат овој став. Не залудно се вели дека децата кои јадат заедно со семејството понатаму во животот се снаоѓаат подобро во односите со луѓето, браковите каде што се практикува заедничкото седнување на маса, траат подолго итн.

Исто така знаеме дека многу деловни зделки се договараат на маса заедно со јадењето, но многу групации и клубови, како на пример Ротари клубовите вклучуваат и заедничко јадење како би се потенцирала поврзаноста помеѓу членовите. Причината за ова веројатно лежи во фактот што при јадењето, луѓето се поопуштени, нивните одбранбени механизми се олабавени, а идејата што делат нешто ги прави да се чувствуваат поблиски. Чувството на заедништво преку заедничкото консумирање на храната е исконски вградено во човековата природа. Во последно време, постојат многу движења и асоцијации, кои поради брзиот начин на живот и се пораспространетата отуѓеност меѓу луѓето, како главна определба на своите активности го имаат токму враќањето на овие навики, се со цел за зачувување на квалитетот на живеењето и благосостојбата на телото и духот.

Една од нив е и асоцијацијата наречена Слоу Фуд, за која на неколку наврати имаме пишувано во изминатите броеви на Бар Код, а која од минатата година има свој огранок и во Македонија.А бидејќи статусот отсекогаш бил дел од сечијата социјална поставеност, доаѓаме и до заклучокот дека храната е исто така и статусен симбол. Тука не се работи само за тоа дали некој ќе седне во скап ресторан и со тоа ќе го покаже својот статус.

Голема улога играат и манирите (со тоа се демонстрира знаење и потекло), распоредот на масата (демонстрација на социо- економските релации во рамките на групата) приборот кој се користи (демонстрација на имотниот статус), начинот на сервирање на храната (демонстрација на искуството), особено во домашни услови, изборот на намирници за подготовка на храната, па дури и големината и марката на фрижидерот во домот. Кога ќе видите некој како нарачува кавијар или шампањ во ресторан, веднаш го разликувате од оној што нарачува стек и пиво, нели?
Сево погоре наведено ја покажува улогата на храната во рамките на помали или поголеми социјални групи. Но, на ова може да се додаде уште еден аспект на храната, а тоа е нејзиното значење за индвидуата односно личниот однос на секој поединец кон неа. За да го илустрираме ова ќе ги споменеме примерите за тоа како преку начинот на конзумирање на храната, секој поединец се презентира себе си во околината. Во зависнот од тоа дали тој или таа јаде бавно или брзо, со уживање или нервозно, со прибор или со раце, веднаш се создава слика за карактерот на истиот.

Односот кон храната е всушност односот кон околината. Често пати сме слушнале дека некој јаде на нервна база или дека последиците од некоја нервозна ситуација му се манифестираат како симптоми после лоша храна. Според начелата на Гешталт терапијата, ова се објаснува со тоа дека зборовите и мислите, исто како и храната, влегуваат и излегуваат низ устата и при тоа ако нивниот метаболизам е во застој, создаваат исти проблеми. Поедноставно кажано, ако само го голтате она што ви е кажано, а немате прилика да се искажете и самите, ќе ве боли желудникот.
Што ни кажува сево ова? Ова не е само потсетник за тоа дека треба да внимаваме каков впечаток оставаме додека правиме една навидум банална постапка како што е козумирањето на храна, туку и голема лекција дека, ако малку повнимателно набљудуваме околу нас, можеме да заклучиме за луѓето, отколку она што тие ни го кажуваат со нивните зборови.

Рамка:
Ако ја разгледуваме храната како симбол, најпрво треба да се потсетиме дека симболот е објект, идеја или активност која вообичаено се користи да укаже, покаже или асоцира на нешто друго. Храната е исклучително моќен симбол, затоа што е длабоко навлезена во нашиот секојдневен живот. Таа исполнува физички, но и психолошки и емотивни потреби, а со тоа што ги побудува речиси сите наши сетила и предизвикува силни емотивни и спознајни аоцијации. Таа исто така има симболички потенцијал од аспект на национален, етнички, религиозен, филозофски и највеќе од се- социјален аспект

 

www.barcode.com.mk