Благосостојбата на локалната заедница, наместо корпоративен профит!


Разочарувачки е да се видат помпата во медиумските објави и промоцијата кон која придонесуваат највисоките институции на државата за нечија приватна инвестиција, за сметка на здравјето на граѓаните. Наместо тоа, од институциите се очекува да промовираат зголемена поддршка и мерки за унапредување на органското производство, на традиционални македонски производи со заштитени ознаки за потекло и на нови канали за дистрибуција на ваквите производи, пред сè на домашниот пазар.

Потребно е „инвестирање“ во нашата иднина, со воведување органски оброци во градинките, училиштата, во ученичките и во студентските домови или поддршка за едукативни зеленчукови градини во основните училишта, за кои досега никој од државните институции не покажа слух и покрај нашите залагања и кампањи, а кои се, воедно, тренд и во најразвиените европски држави.

Правецот за којшто се залагаме, ќе придонесе благодетите да ги почувствуваат многубројните семејни производители и дистрибутери, локалните заедници и институции, а пред сè консументите. Наспроти ова, се нуди уште еден увозник на храна со недоволно познато потекло.

Правецот за кој се застапува Слоу Фуд Македонија ветува многу повеќе вработувања и што е најважно, средствата ќе завршат во многу семејства, а не на сметката на една компанија. Но, најважно од сè – ќе придонесе за нашето здравје и здрава животна средина, што ја гарантира идинината на Република Македонија.

Слоу Фуд Македонија, по усвојувањето на Декларацијата од Првиот конгрес на организацијата, се води од мотото „Нашата храна, наша иднина“,  верува дека можеме да ја осигураме нашата благосостојба и има решенија и искуства што водат кон тоа.

 

Слоу Фуд Македонија

Слоу Фуд Македонија е дел од меѓународната мрежа на Слоу Фуд, која се залага за одржлива храна базирана на зачувување на биодиверзитетот и традициите. Мрежата во Македонија вклучува 100.000 поддржувачи и следбеници, 1.000 производители 300 членови и активисти, 20 програми и иницијативи, 9 конвивиуми и 6 президиуми.

Фото кредит © Instagram