Богданци.гов.мк: “СЛОУ ФУД-КОНВИВИУМ“ ОД САРАЕВО ВО ПОСЕТА НА БОГДАНЦИ

На 15.12.2011 година во работна посета на Општина Богданци престојуваа директорката на “СЛОУ ФУД-КОНВИВИУМ“ од Сараево, Бих, г-а Барбара Прибожиќ-Лека и водичот на проектот, г-а Алма Алдовиќ-Фочо. Ова здружение го организира Меѓународниот саем за храна и вино “Салон на вкусот“, а на кој саем Општина Богданци зеде учество во месец март годинава, со учество на производите од регионалното здружение ЕКО РОЗАЛЕС и винаријата ДЕХРИ од Богданци.

Целта на нивната посета беше директно да се запознаат со местото на потеклото на слаткото од диви смокви кое е Президиум на “СЛОУ ФУД“ и виното од винаријата “ДЕХРИ“. Нивните впечатоци се доста позитивни така што се убедени во професионалноста, развојот и насоките кон кои се стреми целата општина. Во рамките на нивниот неколкудневен престој во републикава, беа посетени и винариите “Тиквеш“, “Бовин“, “Сковин“ и “Шато Камник“. Како што ни изјавија, да се направи една гастрономска тура во Република Македонија е вистинско доживување бидејќи и самите жители на Македонија не се свесни колкав квалитет произведуваат.

“Република Македонија нема голем имиџ за виното на пример, виното како квалитет го има, така што кога би имале и добар имиџ со кој би отскокнале надвор од границите, јас сум длабоко убедена дека би биле први во производството на квалитетно вино“ – изјави директорката на “СЛОУ ФУД-КОНВИВИУМ“, г-а Барбара Прибожиќ-Лека.

Таа исто така истакна дека слаткото од диви смокви со кое ЕКО РОЗАЛЕС го доби Президиумот на оваа интернационална организација, го запознале прв пат во Торино, на еден од меѓународните саеми на оваа организација. За него смета дека на Богданци, а со тоа и на Македонија може да му донесе огромен туризам, затоа што моментално светот ги бара токму тие автохтони производи, а на нас останува да го развиваме и промовираме нивното производство.

Општина Богданци