Вечер: Македонски сирења на фестивалот за сирење “Cheese 2013”

Македонија ги претстави галичкиот и лазарополскиот кашкавал и сирење од Бистра на четиридневниот биенален меѓународен фестивал на сирење – “Чиз 2013″, кој се одржа во градот Бра во северна Италија.

– Настанот овозможи посета на пазари на сирење, работилници за вкус и конференции каде на едно место ќе се сретнат малите производители, експертите за млеко и млечни производи и фармерите. Ова беше можност за учество на македонски експерти на Конференција за хигиенска регулатива за производство на сирења на ЕУ и нејзина адаптација во земјите на Балканот. Низ шаторите, различните сали и простори распоредени низ улиците на центарот на овој историски град, посетителите имаа несекојдневна можност да вкусат сирења и млечни производи од сите краишта на светот, а Македонија во организација на Слоу фуд Македонија пред светската публика го претстави Президиумот Маврово-Река, со што посетителите имаа можност да се сретнат со уникатните вкусови на галичкиот и лазарополскиот кашкавал и сирењето од Бистра – соопштија од Слоу фуд Македонија.

Оваа година беа предложени 250 видови сирење, а се проценува дека настанот го посетија 250.000 посетители.
Во рамките на овој настан имаше и промоција на проектот ЕССЕДРА кој ги вклучува земјите од Балканот (Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Македонија, Романија, Србија, Хрватска), Турција и Европскиот форум за заштита на природата и пасторализам” како партнер на овој проект. Презентацијата на проектот се направи преку конференција на која се изврши дегустација на сирења од Балканот, при што Македонија се претстави со уникатното биено сирење.

www.vecer.com.mk