Во чест на најдобрата меѓу готвачите


Во многу говори денес по повод осми март, меѓународниот ден посветен на жената, ќе биде порачано: “Жените се вистински архитекти на општеството” со што се согласуваме, бидејќи дале посебен придонес во повеќе сфери на опшественото живеење. Особено предводничките на промените за поубав и посреќен свет.
Ние овој ден ќе и го посветиме токму на една таква личност, Џулија Чајлд, една од највлијателните жени во светот на храната, американски готвач, автор и телевизиска личност, која ќе остане запаметена по нејзината изрека: „Луѓето коишто сакаат да јадат се секогаш најдобрите луѓе“

Израсната во Калифорнија- земја на преработената храна, се гадела од типичните американски преработени индустриски производи говорејќи: “вкус како хартија”, го мразела маргаринот, се трудела да објасни како некои продукти може лесно да се зготват , а со тоа да се добие неспоредливо вкусна храна.

Заедно со нејзиниот сопруг Пол, пристигнувајќи на служба во пост-воена Франција, на првиот ручек во Руан го запознава чудесниот свет на француската кујна. Тој момент Џулија го прераскажува како остригите во вино и ја “отвориле душата и духот” и го доживеала како просветлување, иако до тогаш ништо не ја интересирало, сега таа го добила својот животен повик и страст кон готвењето.
Потоа се запишува на курс за готвење во Париз, а подоцна учи приватно за кулинарството кај Макс Бугнард во друштво на врвни готвачи од кои најдолго време соработувала со Жак Пепин. Се приклучува на женскиот клуб за готвење каде ја запознава Симон Бек која во тој период пишува книга за француската кујна која е наменета за американските читатели. Во 1951, Чајлд, Бех и Бертхолд започнуваат со часови по готвење за американските жени, нарекуваќи го нивното неформално училиште –“ Училиштето на трите љубителки на храна”.

Таа е првата жена готвач во САД која ќе им ја претстави француската кујна на американците преку ТВ и нејзината книга “Уметноста на француското готвење”. Најзначајна емисија и била “Француски готвач” која својата премиера ја доживеала во 1963 година. Емисијата во 1971 година е преточена во книга. Во 1995 ја основа фондацијата “Џулија Чајлд” за гастрономија и уметност во готвењето. Почива во 2004 година на 92 години.

Целиот живот го поминала охрабрувајќи ги луѓето да испробаат нови рецепти, да бидат авантуристи и да не се обесхрабруваат со грешките. Тајната на нејзиниот успех лежи во нејзината неспоредливост и убедливост: наликувала на било која американска домаќинка, а од нејзините садови се ширеле најслатките мириси. Освен тоа со целото срце го сакала готвењето и верувала дека секој може да биде добар готвач со малку желба: “Не морате да зготвите модерно или комплицирано ремек дело, згответе добар оброк со свежи производи” бил нејзиниот совет.

Во почетокот на 2000 година, младата американска писателка Џули Пауел инспирирана од оваа извонредна готвачка си задава задача да готви и да блогира на нејзиниот блог “Џули и Џулија: 365 дена, 254 рецепти и една мала кујна”

Во 2009 е снимен и филм „Џули и Џулија “ во режија на Нора Ефрон. Филмот е заснован на вистински факти од животот на Џулија Чајлд и блогерката Џули Пауел. Во филмот се испреплетуваат животите на двете жени кои, иако раздалечени во времето и просторот, имаат потешкотии во животите… Сѐ додека не откријат дека со точната комбинација од страст, бестрашност и путер, сѐ е возможно. Мерил Стрип за улогата на Џулија Чајлд ја доби наградата Златен глобус.

Би ја завршиле оваа сторија со зборовите на Џулија: “Мој универзален совет до сите: Научите да готвите-пробајте нови рецепти, учете на своите грешки, не плашете се и пред се, забавувајте се”
Има публикувано околу 3.700 рецепти а ние ќе ви издвоиме еден француски рецепт за денес:

Кроасани по Џулија Чајлд

За квас
1 кесичка сув квасец
1/4 шоља млака вода
1/4 лажичка сол
1/2 лажица шекер

За тесто
2 шољи брашно Тип 400
3/4 лажичка сол
1 лажица шекер
2 лажици масло
1/3 до 1/2 шоља млако млеко
За виткање на тестото
125 гр путер од фрижидер
За премачкување на кроасаните
1 јајце
1 лажичка вода
Во еден мал керамички сад ставете ја водата, додајте ја солта и шекерот, па наросете го сувиот квасец и оставете околу 5 мин. да се запени.

Во еден поголем сад измешајте го брашното, солта, шеќерот, маслото, додајте го квасот и 1/3 шоља млеко замесете многу мазно и еластично тесто кое не се лепи за рацете. Ако треба додајте уште малку млеко или брашно. Оставете го во фрижидер еден час, завиткано во најлонска фолија.

Путерот завиткајте го во најлонска фолија и истенчете го во квадрат со страна 15 цм. Вратете го во фрижидер ако ви се отпушти. За да бидат добри кроасаните, тестото и путерот треба да се ладни и отприлика исто цврсти на допир. Расучете го тестото во правоаголник 30 на 15 цм, ставете ја во средина плочката путер и затворете го тестото околу путерот, добро насекаде.

На набрашнета површина расучете го тестото во правоаголник 45 на 15 цм. Подолгата страна нека биде кон вас. Преклопете ја левата третина преку средната, а после и десната преку неа. Завиткајте во најлонска фолија и оставете во фрижидер 1 до 2 часа. Повторете го истото уште два пати. Повторно оставете го тестото во фрижидер 2 часа, пред да ги формирате кроасаните. Овде тестото можете и да го замрзните, па во некој друг ден да ги доправите кроасаните.

Ладното тесто расучете го во правоаголник со дебелина околу 5 мм, поделете го на триаголници. Завиткајте ги кроасаните, не премногу цврсто за да можат да нараснат. Ако сакате наполнете ги со една коцка чоколадо. Наредете ги кроасаните на плех. И во оваа фаза може да се замрзнат, па потоа да се продолжи со постапката друг ден.Разматете го јајцето со водата и премачкајте ги, па оставете ги да стасаат еден до еден и пол час. Треба да се удвојат во големина и да станат многу лесни во текстура.

Премачкајте ги уште еднаш со јајце, печете ги 5 мин на 220C, па намалете ја температурата на 200C и печете ги уште 5 – 10 мин да добијат убава златно кафеава боја. Можеби температурата на печење ке треба да ја прилагодите на вашата рерна. Најдобри се млаки, а можат и да се замрзнат веќе испечени и да се затоплат во рерна на 200C неколку минути.