ДНЕВНИК: АМЕРИКАНКА ГО УЧИ БАЛКАНОТ ДА СЕ ОТКАЖЕ ОД БРЗАТА ХРАНА

Најважните дарови што може да им ги дадеме на нашите деца се храната и образованието. Првиот го негува телото, а вториот го храни духот. Вака Кејси Ангелова објаснува зошто се бори децата во Ќустендил да добиваат вистински здрав оброк на училиште. Оваа Американка, која е мажена во Ќустендил и е мајка на три деца, вели дека во новото живеалиште за кусо време прехранбените навики драстично се влошиле токму поради брзата храна.

Кејси е обучен готвач и не само што се залага за здрава храна туку со сопругот и ја произведува на семејната фарма. Често доаѓа во источна Македонија каде што омилен специјалитет ~ се слаткото од диви смокви и убавите планински сирења.

– Одговорноста за здравата исхрана не е само на училиштата, туку и на родителите, но прашање е кој ќе ги едуцира нив. Децата поминуваат многу време на училиште, се хранат таму, но надлежните за планирање на менито не се придржуваат до концептот за здрава храна како што диктираат законите бидејќи не е јаснo што е здрава храна. А здрава храна е вистинската храна, не процесираната. Свежи сезонски овошје и зеленчук и месо и млечни производи од локални фармери кои произведуваат на чист и одржлив начин.

Моите деца се свесни колку е важна здравата храна, но сакаат да биде и вкусна. А токму тоа се најголемите приговори за храната во училиштата. Поради храната, која можеби е здрава, но нема добар вкус, станува невозможно да ги убедиш децата да јадат здраво и кога не се на училиште. А веднаш до училишните дворови се кафулиња и продавници, кои им продаваат ѓубре на децата како повкусна алтернатива од т.н. здрава училишна храна. Храната и образованието се најбитни за нашите деца. Лесно е да се направат промени ако тие се постават како приоритетни. Но политичарите и бирократите што ги носат конечните одлуки не мислат како мене, ниту како повеќето луѓе. За да имате добра и чиста храна, потребно е земјоделците да бидат платени за својот труд. Парите за спроведување на таквите промени се инвестиција во нашата иднина и во нашите деца.

о Дали за ова имате поддршка од локалните власти?
– Постои поддршка, но на концептот сè уште се гледа со сомнеж. Тоа е чудно бидејќи во Бугарија луѓето јадат локална сезонска храна, што самите ја одгледуваат и произведуваат. Брзата и пакувана/готова храна влезе во поново време, со лажни препораки дека е здрава за децата. Кога стапнав на територијата на Бугарија во 2001 година ми се чинеше невозможно, но сега во училиштето во кое учат моите ќерки има голем број деца со прекумерна тежина.

о Дали се губат разликите во прехранбените навики во САД и на Балканот?
– Америка е родното место на масовниот пазар за спакувани и практични оброци. Кога луѓето мислат дека на САД, тие мислат на “Мекдоналд” и “Кока-Кола”. Оваа наша слика успешно се продава во целиот свет. Синоним сме за брза храна и дебели луѓе. Но последниве години луѓето се уморни од сегашниот систем на хранење и многу Американци гласно говорат и се борат за транспарентност и за етикетирање на ГМО-производите. На Балканот на моменти ми доаѓа да скокам и да викам: ПРЕСТАНЕТЕ! Па вие отсекогаш сте произведувале здрава храна и немојте сега да паѓате во искушение кога ќе видите добро спакуван оброк. Заштитете ги храната, себеси и децата.

о Како се случи Американка на Балканот да ги едуцира луѓето за здравата храна?
Врската со слоу-фуд се воспостави кога дојдов во Бугарија во 2006 година. Открив дека да се биде Американка има свои позитивни и негативни страни што се однесува до мојата филозофија за храната. Многумина ме критикуваа коментирајќи “од каде оваа Американка да ги едуцира Бугарите за здрава храна?” Но, други ја разбраа мојата порака. Можам да послужам како добар пример и опомена за другите. Целиот мој живот се борам со диети и готови, брзи јадења, па ги повикувам сите да ги избегнат по секоја цена.

о Дали Ќустендил нуди можности за здрава храна и каде ја наоѓате?
– Ќустендил е прекрасен простор за земјоделство. Земјиштето е плодно и временските услови нудат избор на продукти што можат да се одгледуваат. За промоција на здравата храна во Ќустендил, во Бугарија и на целиот Балкан земјоделците мора да се поддржат и да се поттикнат младите да ја видат вредноста на земјоделството и на готвењето. Сите училишта треба да се фокусираат не само на физичко образование туку на исхраната. Ги учиме децата секојдневно да спортуваат, но ако нивните тела не се полни со здрава храна, тоа е губење време.

о Зошто е важно да ги заштитиме старите сорти?
– Заштитата и зачувувањето на традиционалните сорти е од витално значење поради биодиверзитетот кој е суштински животен елемент. Ќустендил, кој отсекогаш бил познат по црешите, денес е преплавен со меѓународни хибридни сорти, кои немаат препознатливост. Ги фалат дека давале високи приноси и оти долго остануваат свежи, но не и поради вкусот. Немам доволно познавање за старите автохтони сорти бидејќи луѓето што имаат такво знаење не се секогаш расположени да го споделат. Но, луѓе од Бугарија и од Македонија сега работат на заеднички проект за идентификација и за зачувување на локално култивираните и на дивите видови растенија.

о Каков е Вашиот став за ГМО-храна?
– Генски модифицираната храна ужасува. Не е во ред да јадеме домат вкрстен со ДНК од риба, само за да е поотпорен на ниски температури. Инсистирањето дека со ГМО ќе го снема гладот во светот е мит продуциран од фирмите што се занимаваат со ГМО. Не е одговорот ако се направи пченка која може да ја издржи сушата во Африка, туку во заштитата на природната околина и на биолошката разновидност. Автохтоните сорти жито што природата ги дизајнирала посебно за таа регија ќе го запрат гладот. Соочувањето со прехранетоста и со фрлањето храна во богатите земји може да помогне со борбата против гладот. ГМО е дизајнирано за профит врз грбот на потрошувачите. Да не се залажуваме!

о Какво е слоу-фуд движењето во Бугарија?
– Ја следи истата филозофија како и секаде во светот: храната треба да биде добра, вкусна, чиста и без хемикалии, а оној што ја произведува да е почитуван и праведно платен. Храната е од витално значење и затоа не само што треба да се користат најдобрите продукти туку и да се поделат со семејството и пријателите. Треба да готвиме и да јадеме заедно за да ги почувствуваме вистинските уживања што ни ги нуди животот.

ЗБОРУВАЊЕТО НЕ Е ДОВОЛНО

Моите деца се многу свесни што јадат поради напорот што го вложив за да ги научам и да им покажам колку е важно горивото за нивното тело да биде свежата, чиста и вкусна храна. Мојата метода не се сведува само на зборување. Им покажувам од каде доаѓа храната, како се готви и ги вклучувам во сè – заедно береме лекови билки, избираме што ќе јадеме и ми помагаат да готвиме заедно, како семејство.

ПРЕСВРТЕН МОМЕНТ

Она што бев јас пред 10 години е само сенка на она што сум денеска. Одлучувачкиот момент за да се освестам што ќе внесувам беше кога требаше да одлучам каква храна ќе ~ давам на мојата ќерка кога станав мајка. Дотогаш се одржував со диети, смрзната храна, брза храна, но кога станав родител, веќе одговарав за друг живот. Одлуките што тогаш ги донесов засекогаш го определија и мојот начин на живеење.

Соња Казиовска
http://www.dnevnik.mk/?ItemID=8054DF381D385642AB12F70A88260600