ДНЕВНИК: ЗОШТО МАКЕДОНИЈА СТАНУВА ГАСТРОНОМСКА ДЕСТИНАЦИЈА

Минатиот викенд престижното списание „Вог“ објави прекрасна колумна за Македонија и за движењето „Слоу фуд“. „Вог“, кој се печати во 23 држави, има тираж од речиси 1,3 милион примероци во САД и милиони други читатели на својата дигитална верзија. Искомбинирајте го тоа со нивната публика на социјалните мрежи („Фејсбук“, „Твитер“ итн.) и ќе добиете многу моќна комуникациска платформа. А Македонија сега е дел од тоа.

Kолумната содржи се што би очекувале од добар автор што си ја завршил домашната задача: полна е добри информации, одлично напишана, прекрасно опишува и има воодушевувачки фотографии од Македонија и од македонската храна. И додека колумната се ширеше на интернет преку социјалните мрежи, еден Македонец објави линк до колумната на „Твитер“ велејќи: „Kонечно! Нешто добро за Македонија“! Овој човек, чии твитови ги следам извесно време, е типичен „мрчатор“ за Македонија и секогаш твита негативни вести и свои мислења во врска со нив. Обично не навлегувам во дискусија со него. Овој пат го сторив тоа и твитнав: „Во животот има повеќе добри работи отколку што можеш да замислиш, а многу од нив се во Македонија!“

И вистина е: во животот има повеќе добри работи отколку што можеме да замислиме, и во свет 24 часа претрупан со лоши вести на секоја можна тема, важно е, во суштина е клучно, да побарате, да прочитате и да споделите добри вести и приказни што н` разведруваат, н` охрабруваат и ни даваат надеж. Уште подобро ако се тие за некого или за некое место што ги сакаме. А тоа ме враќа на колумната во „Вог“. Објавена под наслов: „Зошто Македонија станува гастрономска дестинација“, колумната зборува за движењето „Слоу фуд“ што молскавично го освои светот во изминатите неколку децении. Авторот ја фали земјата и храната и пишува:„ Пејзажите го одземаат здивот од убавина, луѓето се едни од најгостопримливите во светот, а храната е една од најпознатите во Европа како храна што нуди утеха. Без разлика каде и да одите, секој оброк е подготвен со страст и со љубов, без оглед дали тоа е во центарот на Скопје или во дневната соба на некој селанец во некое локално село. И не само тоа, фокусот е целосно ставен на квалитетот, што значи с` е направено од почеток, без адитивите и конзервансите на кои сме навикнати во западната кујна.“

Во колумната се посочува дека „Слоу фуд“ е организација од 80-тите години во Италија, а целта на движењето „Слоу фуд“ е „да се поттикне одржливоста и земјоделството, да се промовираат локалните бизниси, да се слави наследството и да се едуцираат потрошувачите за штетноста од пестицидите и од брзата храна. Организацијата е можеби релативно нова, но концептот сигурно не е нов – особено во земја како Македонија.“ Во колумната го цитираат Тефик Туто Тефикоски, основач на македонскиот разгранок од „Слоу фуд“ и сопственик на хотелот „Туто“ во Јанче, живописно селце и хотел во кој уживав додека го снимавме нашиот документарец „Името е име“ во 2008 година. Туто вели дека кога зборувате за „слоу фуд“, зборувате за нормалниот живот на обичните луѓе во Македонија. Тоа не ја претставува само храната, туку и животот на луѓето што живеат тука и нивната страст за традицијата.

Туто вели дека не го сфаќал ова се додека не заминал во Италија, каде што работел 20 години, а потоа се вратил во Македонија, и вели: „Дваесетгодишното работно искуство во Италија беше огромно за мене. Во 2006 година, се вратив во моето родно место и вистински ја почувствував и почнав да ја ценам неговата недопрена убавина и посебната кујна.“ Нешто слично во колумната раскажува и Јане Јосифовски, основач на „Маседониа експириенс“ (балкански тур-оператор) и водич за „Интерпид травел“ кој вели: „Овој стил и концепт на органско земјоделство и на производство на храна во мал обем отсекогаш постоеле тука. Тоа го правиме со години, многу повеќе од 10-те години откако движењето е признато тука. Мислам дека „слоу фуд“ е повеќе за истакнување на локалниот импакт, да се задржат парите тука, во Македонија.“

Лани во декември напишав колумна за „Дневник“ под наслов „Пет работи“, во која зборувам за петте работи во кои најмногу уживам во Македонија. На петтото место беше движењето „Слоу фуд“ и еве што напишав тогаш: „Движењето „Слоу фуд“: Добро сега, ова веќе се однесува на нешто поопипливо (храна и пијалаци), но во Македонија го сметам ова за дел од начинот на живот, од темпото, од автентичноста, од едноставноста. Без оглед дали прават ајвар со пријателите, печат скара, или едноставно уживаат во македонските вино, ракија или мастика, Македонците сериозно ги сфаќаат своите храна и пијалаци. И уживаат во нив. Идејата за седење со часови крај масата со семејството и пријателите и уживање во храната и пијалаците е реткост – и убавина – во голем дел од светот. А во Македонија ја има во изобилство.“

Повеќето од овие вистини за Македонија и за движењето „Слоу фуд“ им се веќе познати на Македонците и на долгогодишните пријатели на Македонија како јас. Но со помош на списанието „Вог“, повторно се потсетуваме дека во животот има повеќе добри работи отколку што можеме да замислиме, а многу од нив се во Македонија. И сега многумина во светот го дознаваат тоа. Извонредна, корисна и здрава храна (и вино и алкохолни пијалаци!). Побавно темпо на живот. Семејство и пријатели. Во животот има многу повеќе добри работи отколку што можете да замислите. Уживајте во нив.

Џејсон МИКО (колумна во Дневник)
http://www.dnevnik.mk/?ItemID=1624E04FDA50984397D840085C9DC91E