Таткото на „Слоу фуд“, Kарло Петрини, беше воодушевен од тиквешкото производство изложено на пазарот на фармери на балканската конференција „Тера мадре“ во Дубровник, на кој беа промовирани традиционални производи од Југоисточна Европа. Тој ги купи целокупните количини на слатко од млади оревчиња и соопшти дека доделува неколку стипендии за млади производители од регионот. Од друга страна, сите многу го бендисаа овчото сирење од кавадаречкото село Дреново и веднаш беа побарани три тони, кои производителот всушност ги нема. Ова го кажува за „Дневник“, лидерот на „Слоу фуд Тиквеш“ од Kавадарци, Маја Шкартова.
Петрини долго се задржал на двата штанда од Македонија и разговарал со македонските производители, ги разгледал производите како маџун, вино и ж’та, гроздов сок, мед, пинџур, рчели од тиква и некои други.
Нашите претставници кажуваат дека слаткото од млади ореви кое го приготви Шкартова било вистинска атракција во Дубровник.
– Мајсторијата за правењето на ова слатко како и сите други ја учев од моите баби. Го правам по нивните стари рецепти. Процесот на производство трае цели 12 дена. Оревчињата се берат, им се потсекуваат горниот и долниот дел, се боцкаат со игла за плетење и се оставаат 7 до 9 дена во вода која постојано треба да се менува. Се варат во 11 води. Потоа тенко се лупат па се оставаат еден ден да се цедат. Стојат 24 часа во еден шербет за на крај да се сварат во друг и слаткото да биде готово за на маса. Опива и со вкус и со мирис. Kој пробал знае дека е тоа домашна вијагра или природен афродизијак – нагласува Шкартова.
Таа не сакаше да ја открие цената по која го продала слаткото, но вели дека станува збор за солидна сума и дека има голема побарувачка за него, како во земјава така и во странство.
– Нашата цел е постигната. Македонската делегација замина во Дубровник со цел да го промовира и пласира сопственото производство. По дегустацијата на нашите традиционални производи, добивме високи оценки за нивниот квалитет. Основачот на глобалното движење во светот ни кажа дека треба да продолжиме со исто темпо на работа, да го задржиме квалитетот на нашите производи и во иднина да бидеме уште подобри. На шмекот на македонските производи не остана рамнодушен ниту хрватскиот министер за земјоделство Тихомир Јаковина. Сите беа согласни дека треба да се зачуваат реткостите кои се своевидно огледало на една земја а кои се пред исчезнување – вели Шкартова.
На конференцијата учествувале повеќе од 250 делегати од 11 земји, вклучувајќи и академици и студенти, производители, сточари и земјоделци, готвачи и консументи.
Светлана Дарудова
Извор: http://www.dnevnik.mk/default.asp?ItemID=78C1DFD589D2C24499DA12105D3197FA&fb_action_ids=660605744010185&fb_action_types=og.likes
