ДНЕВНИК: ЌЕ СЕ ЗАШТИТАТ ГРОЗЈЕТО И ВИНОТО „СТАНУШИНА“

Ќе се заштитат автентичната сорта грозје „станушина“ и виното со исто име – беше еден од заклучоците на тринаесет локални организации на „Слоу фуд Македонија“ на годишната средба во Kавадарци. На средбата беше говорено за постигнатото во изминатата година и беа најавени насоки за работа во наредниот период.
– Пред нас е прилично активна година. Во тиквешкиот регион се поставува президиумот на „станушината“ со штоќе се заштити оваа сорта. Се формира асоцијација на производители на грозје и вино од ова сорта грозје, кои ќе се презентираат на национално и меѓународно ниво. На национално ниво ќе се воспостави мрежа на „Тера мадре Македонија“, а настанот ќе се одржи во мај во Битола каде што ќе учествуваат 200 делегати од сите конвивиуми и президиуми на производители, организации кои имаат слични ставови со нас, заедно со експертите од универзитетите и претставници на владините институции – вели Николче Николовски, национален координатор.
Според него, целта е да се донесат заклучоци во прилог на унапредување на состојбата на малите производители на храна и одржливото производство на храна.
– Истовремено се работи и на промовирање на гастрономската култура, она што го имаме како традиција – вели Николовски.
Професорот Слободан Чокревски од Факултетот за ветеринарна медицина, кој е еден од основачите на „Слоу фуд Македонија“, во 2005 година објаснуваше дека се работи на тренинг-центарот за вино сместен во винарницата „Kамник“ во Скопје.
– Kурсот за вински советник и соодветниот сертификат кој се стекнува овде влезе во националната класификација на занимања. За време од 2 месеца се стекнува знаење од садење лоза до служење вино. Годишно по една генерација вински советници излегуваат од овој тренинг-центар. Втората работа е што сакаме да ја направиме е да го заштитиме комињето или кај нас (во Тиквешијата) таканаречениот комињарник во буре, што е моја идеја. Се работи за семејна традиција на правење вино, при што сакаме да ја заштитиме рецептурата на начинот на правење, што ќе влезе во светската арка на вкусови и традиционални специјалитети – вели Чокревски

www.dnevnik.com