ИНФОМАКС.МК: ЗЕМЈА НА ДОМАШНАТА И ВКУСНА ХРАНА: Магазинот „Вог“ ги пофали македонската кујна и специјалитети

Убавината на пејсажите ви го одзема здивот, луѓето се едни од најгостопримливите во светот, и има храна која ја грее душата. Каде и да одите, секој оброк е зготвен со мерак, без разлика дали е локал среде Скопје или дневната соба на локален земјоделец

Македонија е земја за која сигурно сте чуле – едно од оние места на Балканот кои биле дел од Југославија. Земја која често ја одминувате за да заминете за попримамливите земји со блескави брегови, како Хрватска и Црна Гора. Место кое било заглавено помеѓу земји кои војувале , отежнувајќи им на посетителите од Западот да му дадат шанса

Ова стои во дел од репортажата на магазинот „Вог“ кој е посветен на македонската храна и специјалитети. Во репортажата се велича тоа што во Македонија сè уште преовладува домашно зготвената храна, како и т.н. „Слоу фуд“ начин на нејзино конзумирање.

Во продолжение пренесуваме дел од освртот на „Вог“ за Македонија и за македонската храна, а во кој свои изјави даваат и повеќемина наши угостители.

Убавината на пејсажите ви го одзема здивот, луѓето се едни од најгостопримливите во светот, и има храна која ја грее душата. Каде и да одите, секој оброк е зготвен со мерак, без разлика дали е локал среде Скопје или дневната соба на локален земјоделец. И не само тоа, цело внимание е насочено кон квалитетот, што значи сè се спрема од свежи производи без оние адитиви и конзерванси на кои сме навикнати на Запад.

Затоа македонската кујна совршено се вклопува во „Слоу фуд“ (Slow Food), организација основана од Карло Петрини во 1980. Организацијата била формирана за да ја зачува и поттикне регионалната и локалната кујна низ цел свет. Целта е едноставна, да се промовира одржливост и земјоделство, локален бизнис, да се слави наследството и да се обучуваат потрошувачите за штетата од пестициди и брза храна. Иако организацијата е релативно нова, концептот не е, особено не во земја како Македонија.

– Кога зборуваме за „Слоу фуд“, зборуваме за секојдневието на еден просечен Македонец. Не се работи само за храна, туку и за стилот на живеење на овие луѓе и нивната љубов кон традицијата – вели Тефик Тефикоски, основач на македонската „Слоу фуд“ организација и сопственик на хотелот „Туто“ во Јанче.

Тефик, или како што го знаат повеќето, Туто, пораснал во Мавровскиот регион, познат по сирењето и зеленчукот. Дома научил да ги готви јадењата со кои пораснал, според рецептите на мајка му и баба му. Како ајвар, јадење кое е присутно во сечиј дом. За него, слоу фуд бил неговиот живот и секојдневие, а не мисија. Кога наполнил 21 година заминал да работи во Италија, поради невработеноста во неговата земја, и тогаш сфатил колку македонската кујна е посебна.

– Дваесетгодишното работно искуство во Италија многу ми значеше. Во 2006 се вратив во родната грутка и навистина ја почувстував и почнав да ја ценам онаа недопрена убавина и посебна храна. За среќа, за времето минато во странство, се здобив со искуството кое ми беше потребно да отворам хотел и да започнам алтернативен туризам – вели Тефик.

За него било лесно да ги убеди Италијанците со кои работел дека храната од неговата земја е навистина посебна. Им приготвувал специјалитети со кои пораснал, како пинџур и кифли и ги послужувал на пријателите. Откако се вратил во Македонија, голем број од неговите пријатели од Италија дошле да го посетат во земјата од каде потекнува храната во која тие се заљубиле.

Јане Јосифовски, основач на „Macedonia Experience“ (балкански тур-оператор) и водич за „Интерпид травел“, е исто така поддржувач на Слоу фуд движењето кое ја крева свесноста за македонската кујна, но тој исто така сака и луѓето да знаат дека тоа е само етикета. Овој начин на живеење отсекогаш бил присутен во земјата.

– Овој стил и концепт на органско земјоделство и мало производство на храна отсекогаш било присутно. Ова го правиме со години, многу подолго од овие 10 години откако движењето е признаено. Сметам дека „Слоу фуд“ многу повеќе се осврнува на локалното влијание, или задржување на профитот овде во Македонија – вели Јосифовски.

– Додека светот бара начин да го врати органското земјоделство во гастрономијата, руралните средини во Македонија и домаќинствата го прават тоа со децении. Овој концепт е „стара школа“ и е она што им го дава вистинскиот вкус на производите. Ги прави овошјето и зеленчукот посочни, а месото свежо и кревко. Некои од нашите јадења можеби и не изгледаат убаво, но се многу вкусни и здрави – додава Горан Мицкоски, сопственик на ресторанот „Плевна“ во Куратица.

За оние кои сакаат да го пробаат ова гастрономско искуство од прва рака, турата за храна на Интерпид е добар почеток. Формиран во Јуни минатата година, тур-операторот ве носи низ мали селца, во домовите и семејните ресторани на локалното население, и ви дава шанса да уживате во хранта која е специфична за тој регион. Јосифовски вели дека веќе го гледа влијанието, а оние кои највеќе се приклучуваат на турите се од западните земји како Австрија, САД, Канада и Велика Британија. Тој додава дека повеќето доаѓаат без посебни очекувања, но си заминуваат комплетно променети.

Сепак, промена може да се забележи и во урбаните средини во Македонија, кое на некој начин е и благослов и клетва, од економска гледна точка. Невработеноста е падната на 25 проценти, и полека опаѓа со компаниите кои инвестираат во земјата. Повеќе работни места значат повеќе пари, што е императив за локалното население, но исто така значи и помалку време за зачувување на традициите, и приготвување на храната која ја прави оваа земја толку посебна. Јосифовски, кој живее во Скопје, вели дека разликата полека се забележува.

– Во градовите може да купите приготвена храна која е еден вид брза храна. Тоа е ѓубре, но луѓето ја јадат бидејќи животниот стил брзо им се менува – вели Јосифовски.

За среќа, западниот стил на брза храна не е толку застапен во урбаните средини, па остава простор малите селца да останат недопрени од овие промени, барем за сега.

– Меракот за спремање на храната од нашите претци, како печено свинско со буковка, макало, или бурек со спанаќ, најверојатно нема да се променат уште долго време. Секогаш ќе има некој кој ќе приготвува домашна храна и ќе го собира семејството за ручек, без разлика дали е баба, мајка, жена или ќерка – вели Јосифовски.

ЗЕМЈА НА ДОМАШНАТА И ВКУСНА ХРАНА: Магазинот „Вог“ ги пофали македонската кујна и специјалитети