Колку месо јадеме?

Во втората половина на дваесеттиот век, глобалната потрошувачка на месо се зголеми за пет пати, зголемувајќи се од 45 милиони тони месо консумирани во 1950 година до сегашните 250 милиони тони. Според проценките на ФАО, оваа бројка би се удвоила до 2050 година.

Просечната потрошувачка на месо денес во индустриски развиените земји е 224 грама месо дневно по жител (или околу 80 килограми годишно по жител), во споредба со просекот од 30 грама (11 килограми месо годишно) кои се консумираат во Африка*. Maкедонија е некаде на средина со 36,1 килограми годишно по жител**.

Бројките кои се однесуваат на бројот на заклани животни секоја година достигнуваат нови рекорди: 58 милијарди, од кои 11 милијарди во Кина и 9 милијарди во САД. Овие неверојатни бројки се однесуваат на годишно заклана живина на глобално ниво. Ставањето и на другите видови во калкулацијата, бројките се уште поголеми: една милијарда 383 милиони свињи; 517 милиони овци; 430 милиони кози; 296 милиони говеда кои се колат годишно*. Кај нас бројките за домашното производство се следни: 35 илјади говеда, 225 илјади свињи и 314 илјади јагниња.

Во последниве години, потрошувачката на месо не само што остана на високо ниво во Америка и Европа, туку постојано расте и во Кина и Индија, земји каде што се побројна е новата средна класа, придружена со силен демографски пораст (индиското население, на пример, се зголемува за 200 милиони жители на секои 10 години).
Консумацијата на месо во Македонија, од година во година расте „благодарение“ на увозот на евтино замрзнато месо со сомнително потекло, чија количина по видови изнесува 6,9 милиони килограми говедско месо и 9,9 милиони килограми свинско месо**.

Експлозија на индустриското производство
Глобалниот пораст на побарувачката за месо резултира со соодветен раст на индустриското производство на месо и последователно, на концентрацијата на моќ во рацете на неколку големи компании, кои може да ја задоволат побарувачката на пазарот. Трансформацијата на сточарското производство во  индустрија за одгледување на добиток и производство на месо има долга листа на негативни ефекти врз животната средина, здравјето на консументите, благосостојбата на животните и социјалната правда.

Животните кои се одгледуваат за производство на храна, во нивната исхрана, трошат значително повисоки ресурси од оние што се произведуваат во форма на месо, млеко и јајца. При производство на еден килограм говедско месо, 36,4 килограми CO2 се испуштаат во атмосферата и се потребни околу 15.500 литри вода и 7 килограми сточна храна. Земјите од глобалниот југ произведуваат соја и пченка по ниска цена за да ги прехранат интензивните фарми во северната хемисфера.

Бројките се немилосрдни: продолжувањето на трендот на зголемена консумација на месо на Западот е неодржлива. Ако и населението од Кина, Индија и Бразил, на пример, започне да троши како населението од западните земји, нема да има доволна површина на земјата да се храни добитокот потребен за производство на овие количини на месо.

Исто така, мора да се признае дека севкупното зголемување на свеста во врска со третманот на животните, резултира со прилагодување на начинот на живот, што истотака влијае на откажување или ограничување на потрошувачката на производи од животинско потекло и примена во пракса на построги регулативи за благосостојба на животните.

Многу еминентни авторитети од голем број на области работат на промовирање на одговорно консумирање на месо, со избор на производи со висок квалитет и намалена консумација на месо. Слоу Фуд верува дека промовирањето на силна и етичка благосостојба на животните ги поттикнува консументите да јадат помалку месо со што би се намалило производството на месо, истовремено поттикнувајќи ги производителите, да одгледуваат добиток во согласност со највисоките стандарди.

Извори:
*) Friends of the Earth Europe: Meat Atlas
**) Државен завод за статистика на РМ: Статистички годишник 2015

Подготвил: Николче Николовски
Фото: Буши во Мариово © Катерина Мавровска