Курир.мк: Македонската буковска пипер промовирана пред светските гастрономи

Со дефиле на развиорени знамиња од 153 земји учеснички присуство на преку 3 000 делегати и бројни пораки упатени до нив и светската јавност, меѓу кои и оние на Мишел Обама и папата Франсис, вчера беше отворено шестото по ред издание на Тера Мадре 2014. На крај завршниот говор го имаше основачот на Слоу Фуд – Карло Петрини.
Тера Мадре е плод на Слоу Фуд како резултат на нивниот раст и развој и своето убедување дека: “јадењето е земјоделски чин и производството е гастрономски чин”.

Тера Мадре на својот прв состанок во Торино во 2004 година заедно со Салоне Дел Густо се покажаа како одличен спој и поставија камен темелник на еден Меѓународен конгрес кој се одржува на секои две години.

Од денес Македонија ќе презентира производи на два штанда, каде ќе бидат изложени производи од Арката на вкусови- каталог на производи на кои им се заканува опасност од исчезнување. На македонската полица ќе се најдат 23 производи меѓу кои и новиот президиум-буковска пипер.

Президиумите, се проекти преку кои Слоу Фуд работи со групи на мали производители на кои им помага да ги решат проблемите со кои се соочуваат, ги обединува изолираните производители, ги поврзува со алтернативни и достапни пазари кои повеќе ја разбираат нивната ситуација и ги ценат нивните квалитетни производи. Президиумот има за цел да го промовира производот, преку продажба на локалниот пазар и презентирање на јавни настани, но и да ги обедини производителите во нивната работа и да ги спои со производители од светот. За таа цел на овогодинешното издание на Тера Мадре, президиумот ќе има свој претставник, односно еден од помладите производители кои и понатаму ја продолжуваат семејната традиција на производство на буковската пипер.

На овој саем каде можат да се видат производи од целиот свет, ќе биде презентирана и буковската пипер, во рецепт кој најдобро го одразува нејзиниот убав и карактеристичен вкус, а кој вооедно е и омилен во Буково- помешана со печена сол и суво нане.

Оваа година беше формиран и президиумот Буковска пипер како резултат на иницијативата на конвивиумот Слоу Фуд Битола, кој поради физичката блискост со село Буково имаше најдобра можност да ја разбере потребата од формирање на истиот.

Имено, при крајот на 19 век, производот толчена буковска пипер кој потекнувал од Буково, а по својот квалитет се издвојувал од другите, бил толку застапен на пазарот што зад себе оставил генерично име за секој производ од суви толчени пиперки. Денес пак, на пазарот останува само името, додека количините се намалени и присутни само на локалниот пазар во Битола, а потрошувачите не се доволно информирани поради што не умеат да го разликуваат од останатите слични производи.

Овој производ и денес одскокнува со својот квалитет, што веројатно се должи на начинот на неговото производство, бидејќи малкуте производители кои сеуште го прават, во голема мера се држат до традицијата. Буковската пипер се добива од низи суви пиперки кои се толчат во дрвено кутле, додека пак низите се добиваат од најдобрите зрели црвени пиперки, одгледани грижливо, најчесто ѓубрени природно и малку хемиски третирани, нанижани и исушени под стреите од куќите.

За да се зачува оваа традиција и автохтона сорта на пиперка, Слоу Фуд Битола со подршка на ГЕФ ПМГ го реализира проектот.
Извор: http://kurir.mk/makedonija/vesti/175904-Makedonskata-bukovska-piper-promovirana-pred-svetskite-gastronomi