Почнувајќи од денеска до 9-ти овој месец во Кратово ќе се одржи семинар со тема „Европското срце чука за здрави навики“, што треба да овозможи подобрување на квалитетот на системите за поддршка на активности во насока на зајакнување на младите и младинските организации за прашања во врска со здравјето и здравиот начин на живот.
Над 30 младински лидери, активисти и волонтери, од 15 партнерски организации од земјите членки на Европската Унија и земјите на Југоисточна Европа ќе имаат учество на семинарот.
Цели на семинарот, меѓу другото, се да обезбеди простор и време за младинските организации, кои работат на теми поврзани со здравите животни навики помеѓу младите, да ја презентираат нивната работа, да се разменуваат примери за добри практики, да се фокусираат на дебати за здравјето од различни, да се проучат различните техники како средство за промоција на позитивните страни на здравиот начин на живот, да се поттикне понатамошната соработка и вклучување на младите во процесот на креирање на подобар пристап кон младите…
Овој семинар исто така ќе се фокусира и на шансите и можностите за дијалог, можностите за идна транснационална соработка и заеднички активности помеѓу организациите учесници на семинарот. Со користењето на неформални едукативни методи, учесниците ќе бидат вклучени во активности за градење на тимови, панел дискусии, тркалезни маси и поединечни или групни вежби и анализи.
Младинскиот семинар се одржува во организација на „Слоу Фуд Млади Македонија“ со поддршка на програмата „Млади во акција“ на Европската Унија.
Извор: http://www.kurir.mk/makedonija/vesti/173497-Seminar-za-zdravi-naviki-kaj-mladite