КУРИР: Слоу Фуд ќе служат алва и шербет за празникот Бајрам

По повод празникот Бајрам, младинската организација Слоу Фуд Млади – Македонија организира настан Eat In Бајрам Мубарак. Настанот ќе ги вклучи младите во заедничка акција за зачувување на традиционaлната храна и локалните рецепти, пишува МИА.

– Овој пат, младите ентузијасти ќе приготват алва, која традиционално се служи за овој празник и ќе ја делат на случајните минувачи. Покрај алвата минувачите ќе имаат можност да се засладат со ароматичниот шербет, кој исто така е симбол за овој празник, велат организаторите.

Како што наведуваат, основната цел на настанот кој ќе се одржи на платото кај влезот на Старата скопска чаршија, е промовирање на традиционалната храна помеѓу младите и нејзиното зачувување. Исто така, преку делењето храна се овозможува и поврзување на младите од сите националности и религии.

Слоу Фуд Млади – Македонија е младинска организација која работи во рамките и согласно со филозофијата и принципите на Slow Food и се залага за заштита, промоција и едукација за храна. Нивна цел е еколошки чиста и здрава храна за сите, која е произведена на локален традиционален начин.