ЛИДЕР: Конференција: Да се зачуваат традиционалните млечни производи

Сточарството мора да се развива за да продолжи традицијата и да се зачува природното, е пораката од денешната конференција „Биодиверзитет на млеко“.

Учесниците оценија дека состојбата со традиционалните млечни производи е алармантна. Населението од руралните средини кое најдобро знае да ја негува традицијата, се иселува
зашто не гледа перспектива.

– Иако се уште имаме живи традиции, повеќето исчезнуваат. Нашето општество се уште не е подготвено да го зачува наследството кое е виза за нашата иднина од секаков аспект, економски, социјален, културолошки,…Не сме подготвени да ги зачуваме, а тие и биодиверзитетот се виза за нашата иднина.
Организирањето на производителите, заштитата на географското потекло и промоцијата се основа за подобрување на состојбата, рече Николче Николоски од Слоу Фуд.
Неопходно е, нагласи, и воспоставување континуирана комуникација меѓу производителите, консументите, науката и креаторите на аграрната политика. Сточарството, според Николоски, е една од алатките која мора да се искористи во фунцкија на руралниот развој.

Како што напомена Ана Стојанова, технолог во „Осогово милк“ – Соколарци, перспективата е во традиционалните производи.
– Потрошувачите ги бараат, сакаат добар вкус и квалитет, но понудата моментно не може да го задоволи пазарот. Најголем е интерсот за сирењата, кашкавалите, биеното сирење, путерот, урдата и урдата со пиперки. Цената е битна, но квалитетот уште повеќе. Ако е висок, тогаш и цената се прифаќа. Сепак, традиционалните производи не се многу поскапи од индустриски добиените, изјави Стојанова.

Во однос на суровината, се уште се проблем недоволните количини и релативно слабиот квалитет.
– Суровината секогаш недостига и не е најквалитетна. Затоа интензивно работиме на вложувања во нова технологија, стандарди за квалитет и безбедност, окрупнување на производителите и нивна поголема сериозност кон продукцијата, посочи Стојанова, потенцирајќи дека квалитетната суровина е основа за традиционалното производство.
И експертите се согласија дека квалитетот и безбедноста се пресудни, мора да се задоволат.
Потенцирајќи ја предноста на традиционалното над индустриското, Мери Илиеска, претставник на „Хансен“ за Македонија, рече дека разликата е пред се во суровината, во млекото, чиј вкус зависи од пашата. Ако со иста маја се потквасат два типа млеко, едно добиено од фармски животни, а друго од добиток што слободно пасе, вкусот и мирисот се сосема различни.

На конференцијата можеа да се дегустираат буламач и стригле, традиционални млечни производи кои полека исчезнуваат од македонската трпеза. „Салонот на вкусови“, пак, што исто така беше дел од програмата, понуди и кашкавал од Бистра, дебарско бело саламурено сирење, биено сирење од Мариово, козјо сирење, млечна маст,…
Буламач и стригле денес се исклучиетлно ретко застапени, ги произведуваат само уште неколку семејства од Малешевијата. Буламач е вид сирен намаз, додека стриглето е свежо ситно сирење кое најчесто се подготвува со пиепрки, објаснија организаторите.

Во Македонија моментно се регистрирани помалку од 10 производители на традиционални млечни производи.
Извор: http://lider.mk/2014/10/16/konferencija-da-se-zacuvaat-tradicionalnite/