Македонските сирења меѓу светската елита на сирења

“Moра да се шегувате со мене“ со недоверба ни изјави Пиеро Сардо, претседател на Фондацијата за биодиверзитет на Слоу Фуд и експерт за сирења, пробувајќи го кашкавалот кој го сервиравме на состанокот, и следејќи го со внимание нашето објаснување како се пари баскијата во жежок солен раствор и се формира питата кашкавал. …за наредната производна сезона лично се увери на Кораб и во Галичник во веродостојноста на тоа што го слушна. „Невообичаено, автохтоно, уникатно…“ ми изјави тогаш, восхитен од планинските пејзажи со пасишта и вештината на мајсторот кој го месеше пареното тесто.
Така започнува приказната од пред две години за вториот македонски президиум, за денес, првпат да биде преставен како „Сирења од Мавровско Реканскиот регион“, произведени на мандра од сурово овчо млеко во услови на висикопланинска испаша.

Во периодот од 16-19 септември во Бра, Италија на биеналниот Фестивал на сирење Cheese 2011, во организација на Слоу Фуд, галичкиот кашкавал, сирењето од Кораб и требишкото сирење, зреани во дрвени качиња, се најдоа помеѓу најпознатите сирења во светот, изложени заедно со италијанската горгонзола, алпскиот ементалер, Монтгомери чедарот, камемберот од Нормандија.. Сирења со идентитет во однос на нивната историја и поврзаноста на местото, млекото, производството и народот.

И уште во најавата на фестивалот, беше потенцирано дека оваа година од Македонија доаѓа „предокот на парените сирења“, така беше и претставен кашкавалот при официјалното претставување заедно со уште 3 нови президиуми во црквата Сан Роко како и за време на промоцијата во кафулето на фестивалот, проследени со дегустација на сирењата. Додека проф. Д-р Соња Србиновска пред бројниот аудиториум, имаше презентација за производството на кашкавал во рамките на курсевите Мастер оф Фуд кои овој пат беа посветени на парените сирења.
Сирењата беа изложени и се дегустираа од страна на посетителите на фестивалот на македонскиот штанд во улицата на президиумите. Нивните вкусови беа одлично прифатени од страна на посетителите, кои разочарани си заминуваа од неможноста да ги купат истите, од причина што неможат истите легално да се увезат.

Неизостана и поддршката од првиот човек на Слоу Фуд организацијата, Карло Петрини, кој лично ги дегустираше сирењата при посетата на нашиот штанд и во краткиот разговор ни го пренесе неговото воодушевување од Македонците, како еден трудољубив народ, кој со многу знаење и љубов ја произведува својата храна.
Во текот на фестивалот беа дадени повеќе изјави и интервјуа за медиуми и порталите на Слоу Фуд, така што во повеќето статии беа претставени нашите сирења, во повеќе наврати беше цитиран Александар од мандра „Галичник“ со неговата изјава за воодушевување од самиот фестивал и интервјуто во кое ја објаснува макотрпната работа на овчарите и мандраџиите на Бистра, за ние да го имаме на трпезата „галичкото злато“.

Слоу Фуд во Македонија преку овој проект, со активностите кои ги реализира во текот на Cheese!2011 и работата со производителите, помага во зачувувањето на традиционалното производство на овие млечни производи, и за првпат да ги промовира и изнесува на светскиот пазар во поновата историја.

Николче Николовски
координатор на президиумот