МКД.МК: На „Тера мадре Балкан“ Македонија се претставува со „станушина“, мавровско сирење, мед…

Виното од автохтоната сорта „станушина”, слаткото од диви смокви, сирењата од бачилата од мавровско-реканскиот дел, буковската пипер и медот се петте производи кои ќе ја претстават Македонија на манифестацијата „Тера мадре Балкан 2016″, која годинава се одржува во Тирана под мотото „На прво место фармерите”.

Виното „станушина“ е вино од автохтона сорта на грозје кое винаријата Попова Кула од пред неколку години успеа да ја зачува и од неа да го произведува ова единствено вино.
Слаткото од диви смокви е еден од македонските президиуми и е дел од светската „Арка на вкусови“, каталог на загрозени продукти од целиот свет.

Президиумот „Планински сирења од Маврово – Река“ е формиран со цел да се заштитат и промовираат трите производи кои се прават од сурово млеко добиено од овцата шарпланинка – кашкавалот, белото сирење и киселото млеко.

Само десет производители во битолското село Буково сѐ уште ја произведуваат традиционалната буковска пипер, зачин со интензивно црвена боја, слатко-лут и ароматичен вкус кој трае долго.
Освен македонските, до сабота во Тирана, на „Пазарот на фармерите“ на 50 штандови ќе се претстават и продукти карактеристични за 13 земји од Балканот и пошироко.

„Балканскиот регион опфаќа широк спектар на луѓе кои се занимаваат со земјоделство. Од оваа причина, оваа година темата е избрана со цел да се нагласи важноста на малите производители на храна поставувајќи ја во центарот на политичката агенда и обезбедувајќи одржлив развој во регионот“, велат во „Слоу фуд Македонија“.

„Тера мадре Балкан“ ќе биде можност да се претстават претстојните активности за „Тера мадре салон дел густо“, кој ќе се одржи во септември во Торино. Се работи за еден од најважните настани посветени на занаетчиството и малите производители на храна и кој служи како еден меѓународен форум за размена.
www.mkd.mk