Неопходна флексибилна регулатива за опстанок на балканските фармери

Овозоможување директна продажба од фарма и воспоставување пофлексибилни правила за хигиена, не строги и не еднакви со оние за агроиндустријата, се клучните барања и препораки на меѓународните експерти за зачувување на локалните, мали фармери во балканските земји.

Како што беше речено на денешната ЕССЕДРА конференција на саемот “Салон дел густо” во Торино, екстензивното сточарство во регионот, и покрај огромниот потенцијал, речиси изумира, се помалку е атрактивно. Децата на фармерите воопшто не гледаат иднина во занаетот на нивните родители, сметаат дека е економски неисплатлив. Многу повеќе сакаат да бидат адвокати или доктори, го напуштаат селото и одат во град.

Дополнителен проблем е незаинтересираноста на пазарот поради трендот, брзиот начин на живот, сменетите навики на потрошувачите кои се главно ориентирани кон брзата, наместо кон традиционалната, домашна храна.

– Ако не се преземе ништо и ваквата состојба продолжи, до 2016 година во земјите од регионот нема да има рурално население. Институциите, наместо да ги поддржат локалните, мали фармери, како да прават се за да им го направат животот невозможен, рече Серена Милано, генерален секретар на Слоу фуд фондацијата за бидоверзитет.
Според неа, актуелната ситуација во сточарството е делумно последица и на поранешниот комунистички систем, но тоа не треба да биде причина агонијата да продолжи.

Вјара Стефанова од Европскиот форум за заштита на природата и традиционалното сточарство, укажа на потребата од заедничко, регионално делување и испраќање порака до креаторите на аграрните политики за поддршка на локалните заедници.

Учесниците заклучија дека мора да се воспостават поблиски релации со производителите, да се детектираат нивните проблеми што ги кочат во продолжување на производството, но и да им се предочи значењето од нивното постоење. Од друга страна, потребна е и едукација на потрошувачите.

ЕССЕДРА проектот кој ја организираше конференцијата во рамки на “Салон дел густо”, делува токму во оваа насока. Подрзабира економски одржлив и социо-економски развој на руралните средини, а го спроведува интернационалната мрежа Слоу фуд со финансиска поддршка на ЕУ и во партнерство со Велика Британија. ЕССЕДРА ги обединува Македонија, Албанија, Бугарија, БиХ, Хрватска, Романија, Србија и Турција.

– Изминативе години успеавме да се наметнеме и да станеме значаен фактор во Европската комиисија при дефинирањето на земјоделските политики. Активностите продолжуваат со уште позасилено темпо, се додека не ги спроведеме нашите цели, подвлече координаторот на ЕССЕДРА Марина Маинарди.

Конференцијата заврши со дегустирање традиционални производи – од Македонија собра гравче со буковска пипер и домашно печено лепче со сирење и исто така буковска пипер, од Бугарија лутеница, од Барања кулен, од Романија сланина од свиња мангулица,…

Мирјана Чакарова