ПЕЛАНЕТ: Без сомнение – Формулата за Cheese функционира! Македонија по трет пат учесник

Овој биенален настан кој годинава се одржа од 18-21 Септември и кој секогаш се одвива под отворено небо на улиците во малото италијанско градче Бра, успеа да собере 270 000 посетители надминувајќи го сопствениот број на посетители запишан во 2013 година за 10 %, 300 изложувачи од 23 земји .

Прилично големо добредојде, напишано на голем банер, поставен високо во улицата на чија десна страна се нижат куќи, а на левата дрвја од градскиот парк, ги пречекуваше посетителите на овогодинешното издание на Cheese 2015, фестивалот посветен исклучиво на традиционалните сирења од фарма,симболично пренесувајќи им ја пораката која Слоу Фуд ја испраќа преку своите настани – како да се воспостави врска меѓу човековите творби и природата.

Распоредени во неколку улици можеа да се видат и вкусат нешто помалку од 2 000 типови на сирења, донесени од 300 изложувачи кои доаѓаа од 23 држави. Сирењата беа изложени во неколку групи и на неколку различни улици и плоштади. Улица – интернационален пазар, италијански пазар, алеа на сродни сирења,потоа улица на Президиумите, па плоштад на пицата, на улична храна, планинска кујна и работилници за вкус. Сирењата кои беа претставени на овие улици беа доволно интересни со својот изглед и вкус да го задржат вниманието на илјадници посетители со ист интензитет во текот на сите четири дена, правејќи гужва по улиците до последниот ден кога многу од изложувачите веќе ги затворија своите штандови бидејќи успеале да ги продадат сирењата што ги донеле.

Слоу Фуд не би бил тоа што е доколку еден дел не посвети на уживањето во храната и вклопувањето на истата во секојдневниот живот. Така, два блока северо-источно изложбата на сирења беше надополнета со плоштад на пивото, книжарница, улична храна, голема сала за сирење и енотека, плоштад и сцена и соба за новинари, на тој начин правејќи една компактна целина околу тоа каде се сирењето може да најде свое место, овозможувајќи им на посетителите да спаруваат храна и сирења, пива и сирења, вина и сирења, па дури и пури и сирења. Книжарницата и собата за новинари не беа единствените нешта кои со пишан збор и дискусии го дополнуваа овој настан. Свое место на Cheese 2015 зазедоа и многубројни конференции посветени на сирењата и овогодинешната тема – сирењата од планинските пасишта.

Македонија, за жал оваа година немаше можност да ги изложи и продаде своите традиционални занаетчиски сирења поради строгите државни и европски закони. Но, преку учество на една од конференциите токму на таа тема „Малите производства на сирења и Европа“ која се одржа на последниот ден, беше изложена состојбата во млекарскиот сектор и производството на сирење во Македонија од страна на Елена Каровска, координатор на проектот „Заштита и промоција на традиционалните занаетчиски сирења од фарма“ чии активности досега опфатија мапирање на традиционалните сирења во Македонија, собирање база на податоци преку теренски посети за креирање правилници за производство на три од нив и преглед на законската рамка и побарувањата за малите производтсва. На конференцијата свое учество зедоа и останатите партнери во проектот кој се одвива на интернационално ниво помеѓу Македонија, Турција, Италија и Шпанија, претставници на Европската мрежа на производителите на занаетчиски сирења и млечни производи (FACEnetwork) и еден производител на сирење од Италија кое воедно е и Президиум-одржлив модел за производство, креиран од Слоу Фуд.
Извор: www.pelanet.mk