Промена во исхраната во борба против климатските промени: Јадете повеќе мешунки

Климатските промени се голем предизвик за нас, кој ни изгледа премногу застрашувачки, со кој не би можеле да се справиме директно преку нашите сопствени акции. Но, постои една мала промена која секој од нас може да ја направи и да даде личен придонес, преку менување на начинот на исхрана, на тој начин да биде поздрава и повеќе еколошки одржливa.

Од видот на храната што ја избереме да ја јадиме, зависи нашиот личен „јаглероден отпечаток“. Месото и млечните производи кои сочинуваат 22% од исхраната на жителите на развиениот свет се одговорни за големите количини на емисии на стакленички гасови, особено метан и азотен оксид. Но, постои група на храна која е високо хранлива, богата со протеини и есенцијални микронутриенти, со мала емисија на јаглероден диоксид во атмосферата. Toa се мешунките.

Поттценети како група на производи, во мешункастите растенија се вбројуваат: гравот, грашокот, боранијата, леќата, наутот. Истите имаат извонреден спектар на здравствени и еколошки придобивки.

Придобивка е намалената употреба на фосилни горива, бидејќи тие не бараат азотни ѓубрива, во кои главна компонента се фосилните горива. Со нивната уникатна способност да го “фиксираат” азотот од атмосферата, мешункастите растенија се во можност директно да го врзуваат азотот од атмосферата и да го претворат во хранливи материи, кои се од суштинско значење за растот на растенијата. Одгледувањето на мешункастите растенија ја прави почвата поплодна, се намалува потребата од ѓубриво, дури и за другите култури, кои потоа ќе се одгледуваат на истата површина.

Покрај тоа, мешункастите растенија се високо штедливи на вода, имаат низок „воден отпечаток“. Потребно е само 163 литри вода да се произведи 1 килограм мешунки, во споредба со неверојатни 15.500 литри литри за килограм говедско месо! До 2030 година, побарувачката за вода за пиење, се очекува да се зголеми за повеќе од 50%, а на земјоделството отпаѓаат околу 70% од водите кои се искористуваат на глобално ниво. Мешунките се најефикасен извор на белковини, когс танува збор за заштеда на вода, во текот на производството.

Потрошувачката на месо по глава на жител има раст повеќе од двојно во светот во развој од 1963 година, додека потрошувачката на мешунките е намален за речиси 50% во однос на истиот период. Како потрошувачи, замената на месото, неколку пати неделно со мешунки, може значително да ја намали емисијата на јаглерод, а исто така да не се споменуваат големиот број на здравствени придобивки со нивното консумирање, како што се намалениот ризик од срцеви заболувања и регулирањето на правилна телесна тежина. Речиси без масти, мешунките се богати со есенцијални микронутриенти како што се: железо, цинк, калиум, магнезиум и селен, диетални влакна, и “добри” јаглехидрати. Како врв на сето тоа, тие се богат извор на протеини – три пати повеќе од житни култури како што се пченицата и оризот.

Со климатските промени, потребни се прилагодливи култури во услови на зголемени температури и суши. Ова станува многу важен предуслов во обезбедувањето на храна и обезбедување на  безбедност во исхраната. Мешунките полесно се адаптираат и се потолерантни на овие услови. На пример, Кабули наутот, развиен од страна на Меѓународниот центар за земјоделски истражувања во суви предели (ICARDA) во соработка со турски научници, издржа тешка суша во Турција во 2007 година и даде поголем принос, а другите култури не успеаа. Слично на тоа, толерантните на топлина, грав и наут, развиени од страна научниците на ICARDA во истражувањето во партнерство со Судан, можат да издржат температури повисоки од 40°С што е важна карактеристика во справуваањето со глобалното затоплување.

Во областите на сушните подрачја каде што се фокусира истражувањето на ICARDA, секоја година се губат 12 милиони хектари плодна почва, како резултат на деградацијата на почвата – тоа е во област со големина на Грција или Бангладеш, па мешунките се важен дел од стратегијата за зголемување на продуктивноста на земјиштето.

Meшунките за иднината

Јасно е дека мешунките се неверојатна храна и заслужуваат поголемо внимание и во потрошувачката и производството. Кај мешункастите култури не е забележан скок на приносите, како кај житните култури во изминатите неколку децении од подобрени технологии. Во земјите во развој, се уште постои значителен јаз во приносот на мешункастите култури за 25-60% помалку од нивниот реален принос.

Оваа празнина може да биде премостена, ако се достапни повеќе средства за истражување. Подобрување на понудата на мешункасти култури, исто така, ќе ги задржи цените на прифатливо ниво за мнозина, за кого животинските протеини се недостапни. Не смееме да заборавиме дека околу 805 милиони луѓе во светот се уште се недоволно исхранети, и тоа дека мешунките се главен извор на протеини за милиони луѓе , вклучувајќи ги и 360 милиони вегетаријанци само во Индија.
Од овие причини, Обединетите нации ја прогласија 2016 година за Меѓународна година на мешунките (IYP 2016 година). Сега е време да ги вклучиме мешунките повеќе во секојдневната исхрана.

За наша среќа, во прилог е и фактот дека имаме совршена храна во борбата против климатските промени, мешунките, исто така, се вкусни и разновидни. Од традиционалното тавче гравче, лебот наутлија, преку светски познатите специјалитети од либанската кујна фалафел и хумус, до наједонставните салати, чорби и паштети, кои лесно можете да ги подготвите и да станат чест гостин на вашата трпеза и тие лесно да станат дел од вашата секојдневна исхрана.

Слоу Фуд Македонија, се приклучува во оваа кампања на Обединетите нации, со анимирање на членовите и сите граѓани во Македонија да го истражуваат локалниот биодиверзитет на мешункасти растенија во нивните региони, поголем дел од нив да се постават на Арката на вкусови, како и да се презентира гастрономската култура, со споделување на рецепти кои го вклучуваат локалниот биодиверзитет на мешунки. Очекувајте не со повеќе информации наскоро.

Фото кредит:

мешункасти растенија © www.fao.org

грав тетоец  © Slow Food Macedonia архива