Рибата како извор на жива

Јадење на загадена риба претставува значаен извор на жива за консументот.
Големи количини жива се наоѓаат во водите на реките и езерата. Најголемиот извор на загадување на водите пристигнува од термоелетраните на јаглен, но прилично загадени се и реките во близина на рудници. Од водата таа се конвертира во загадувач кој се концентрира преку синџирот на исхрана и процесот на биоакумулација во телото на рибите.
Не постои риба која може да го избегне загадувањето со жива. Ова е основната порака на американската федерална студија за контаминација со жива во која биле тестирани риби од скоро 300 речни текови ширум САД.
Видовите на риби предатори кои се на врвот на синџирот на исхрана, како на пример сомот може да содржат високи концентрации на жива.
Во рибата, живата е присутна во форма на метилжива, а во другите производи како овошјето и зеленчукот во неорганска форма. Метилжива се формира од неорганската форма под дејство на микроорганизмите во езерата или седиментите во проточните води.
Метилживата е органско соединение, најтоксичната форма на жива на која луѓето се најчесто изложени.
Скоро целото количество кое го внесува консументот се апсорбира преку гастроинтестиналниот тракт и бидејќи организмот нема можност да ја екскретира, односно да ја исфрла живата, таа се акумулира во текот на животот, покажувајќи го својот штетен ефект.
Живата е доста токсична и може да предизвика пореметување на нервниот систем, оштетување на мозокот, на ДНК и хромозомите, алергиски реакции и несакани ефекти врз репродуктивниот систем. Како најосетливи категории на ова соединение од популацијата може да се издвојат децата и бремените жени.
Дозволениот неделен внес е 0,35 мг за лице од 70 кг. За метилжива е 0,112 мг неделно за лице од 70 кг.
Препораката е дека критичните групи од популацијата не треба да јадат повеќе од една мала порција (помалку од 100г.) неделно од големите предаторски риби.
Затоа бидете внимателни при изборот, количината на риба и од каде потекнува истата!

Николче Николовски