Сезона на вишните

Вишна (лат. Prunus cerasus) е плодовито овошно дрво, познато уште од древните времиња. Било едно од омилените овошја на Персијците, Римјаните и Британците, а подоцна се пренело до скоро сите делови во светот. Нутриционистите за вишната велат дека е чудо од овошје, содржи се што е потребно за организмот да остане здрав и витален.
Во Република Македонија се одгледува во сите реони со надморска височина до 1.100 m. Во седумдесеттите години од 20 век беше споредна култура, со 200-300 тони годишно производство. Првата плантажа на 20 хектари била посадена во Битолско во 1970 година, а потоа била проширена во сите реони. Последниве години производството изнесува меѓу 6.000 – 7.000 тони годишно.

Наш предлог рецепт за Вас, во сезона на вишните:

Штрудла со вишни

Потребни продукти:
600 грама свежи вишни, исчистени од семки
500 грама подготвени кори за пита
3 јајца
300 грама шеќер
1 кесичка ванилин шеќер
200 милилитри масло
200 милилитри млеко
200 грама брашно
1 кесичка прашок за пециво
малку масло за премачкување
шеќер во прав за посипување

Начин на подготовка:
1.Изматете ги убаво јајцата, шеќерот и ванилиниот шеќер со миксер, па додајте ги маслото, млекото, брашното и прашокот за пециво.
2.Подгответе го најголемото тавче од рерната и обложете го со хартија за печење.
3.Премачкајте една кора со околу 3 – 4 лажици од течното тесто. ставете врз неа втора кора и повторно премачкајте ја со тестото. наредете ги вишните, замотајте ги двете кори во ролна и префрлете ја во тавчето. повторете додека не ги потрошите сите кори.
4.Премачкајте ја штрудлата со масло и ставете ја да се пече во рерна загреана на 180°C, околу 30 минути или додека не се зарумени убаво по површината. потоа прекријте ја со дебела крпа и оставете ја неколку минути да се олади.
5.Пред да ја послужите посипете ја со шеќер во прав.