Словенија ја додаде и водата во уставот, како основно право за секој граѓанин

0
6

Парламентот на Словенија го усвои амандманот со кој се прогласува снабдувањето со чиста вода за “јавно добро управувано од страна на државата” и “не пазарна стока”

Словенија го измени уставот за да го овозможи пристапот до вода за пиење, како основно право за сите граѓани и да го спречи нејзиното комерцијализирање.

Со 64 гласа ЗА и ниту еден против, 90-члениот парламент додаде член во уставот на земјата во кој се вели дека “секој има право на вода за пиење”.

Централно-десничарската опозиција Словенечката демократска партија (СДС) апстинираше од гласањето велејќи дека амандманот не е неопходен и има за цел само зголемување на јавната поддршка.

Словенија е планинска земја богата со вода, со повеќе од половина од територијата покриена со шума.

“Водните ресурси претставуваат јавно добро што се управувани од страна на државата. Водните ресурси се најважни и трајно се користат за снабдување на граѓаните и домаќинствата со вода за пиење, во таа смисла, „не се пазарна стока “, се вели во новиот член на Уставот.

Централно-левичарскиот премиер, Миро Церар, ги повика пратениците да го гласаат законот велејќи дека во неговата земја со два милиона жители треба да се “заштити водата како течно злато на 21-от век – на највисоко правно ниво”.

“Водата во Словенија има многу добар квалитет и поради нејзината вредност, во иднина сигурно ќе биде цел на странски држави и апетитите на меѓународните корпорации.

“Како што постепено ќе стане повеќе вредна стока во иднина, притисокот во врска со тоа ќе се зголеми и не смееме да попуштиме”, изјави Церар.

Словенија е првата земја во Европската унија која го вклучи правото на вода во нејзиниот устав, иако според Рампедре (постојаниот претставник на Светскиот извештај за правото на вода) 15 други земји во светот веќе го сториле тоа.

Претходно оваа година Словенија беше прогласена за прва зелена земја во светот од страна на холандската организација „Зелени дестинации“, додека нејзиниот главен град, Љубљана, беше прогласен за Европска зелена престолнина за 2016 година.

Амнести интернешенел соопшти дека Словенија мора да осигури дека новиот закон ќе мора да се применува и за 10,000-12,000 Роми кои живеат во земјата.
“Многу Роми немаат дури ни елементарен пристап до вода и канализација”, вели Амнести во соопштението.

Европската унија се согласи во 2014 година да се исклучи снабдувањето со вода и управувањето со водните ресурси од регулативите со кои се регулира внатрешниот европски пазар, после првата успешна европска граѓанска иницијатива која успеа да собере повеќе од еден милион потписи.

Фото кредит © inhabitat.com