Со капка вино до грст љубов

И покрај различни мислења за тоа кој празник да го славиме, кога подобро ќе се размисли виното и љубовта делат многу заедничи работи. Љубовта и виното даваат инспирација за радост во живеењето, будат страст која го менува, омекнува и разнежнува човековото срце.

14 Февруари Денот на Св.Трифун и Св.Валентин е денот кога се буди љубовта кон луѓето.

 

Овој пат малку повеќе ќе се задржиме на Св.Трифун – празник кој го слават православните христијани.

Се верува дека Св.Трифун е чувар на лозјата и гостилниците а воедно и на брачната љубов и верност. Св.Трифун се грижи за лозјето и виното. Се слави со желба за добро здравје, добро расположение и богат род на лозјата.
Лозарите традиционално го обележуваат Св.Трифун надевајќи се дека светецот ќе им помогне грозјето да биде благо, а бочвите полни со вино. На овој ден за прв пат се оди во лозјата и се сечат лозите – народски кажано се зарежуваат. Св.Трифун на својот празник забодувал факел во земјата и така снегот се топел, па многумина веруваат дека на овој ден започнува и пролета-се будат природата и љубовта помеѓу луѓето. Снегот сеуште може да дојди но ако врни на овој ден, тоа се смета за бериќет.
Во Охридско-Струшкиот крај овој празник е познат под името “Триун пијаница”. На овој ден во Тиквешијата и останатите вински региони во Македонија рано наутро се оди во црква каде има богослужба и откако ќе заврши се оди на лозјата каде се прскаат со света вода и обредно се закројуваат три лози со благословот “дај боже берикет”. По завршувањето на обичаите се оди во винариите каде се пие вино!

И за крај: Небитно дали ќе биде Трифун или Валентин, одлучете се за роматична вечера со вашите сакани со чаша вино. Најважно е на овој ден да се искажат чувствата, опиени од љубов или од вино!

фото © Анита Главевска (Slow Food Macedonia)