ТВ ИРИС: Корисни поуки од семинарот „Европското срце чука за здрави науки“

Заврши седумдневниот семинар кој се одржа во Кратово, насловен „Европското срце чука за здрави навики”, а во организација на Слоу Фуд Млади Македонија со поддршка на програмата „Млади во акција”.

Главните теми поради кои беше одржан овој семинар беа здравиот стил на живеење во Европа, влијанијето на овој начин на живот врз младите луѓе како и однесувањето во заедниците. Идеата за семинарот произлезе од начинот на живот кој моментално го живееме, навиките, нездравата исхрана, болестите кои се едни од најголемите проблеми на денешницата, особено во оние земји кои се надвор од законодавството и регулативите на ЕУ. Целта поради која се собраа учесниците на семинарот беше да им се обезбеди простор и време на младинските организации кои работат на овие теми, да ја презентираат нивната работа, да разменуваат примери и искуства, да се фокусираат на теми кои се поврзани со здравјето и да се поттикне понатамошна соработка помеѓу младите. Активностите во семинарот се насочија кон подобрување на квалитетот на системите за подршка на активности во насока на зајакнување на младите и младинските организации за прашања во врска со здравјето и здравиот начин на живот. Учесниците беа вклучени во активности за градење тимови, групни вежби и анализи, како и во дискусии за здравиот начин на живот, споделување на сопствени искуства, презентирање на своите држави и организации, едукации за проекти.

Во еден дел од своите активности учесниците имаа можност да анкетираат дел од граѓаните на градот Кратово со цел да оценат на какво ниво се наоѓа нивниот живот во поглед на здравите навики. Исто така беа во посета на општината каде беа пречекани од надлежни органи кои им одговараа на поставените прашања од страна на учесниците, и им објаснаа какви се активности тие имаат во градот. Надвор од активностите учесниците беа во посета на музеј куќата каде господинот Стевче Доневски им покажа како се прави кратовска к’цана сол. Таму беа пречекани со традиционален зелник, баничка и ајвар, а беа во обиколка на градот и ги слушнаа легендите за 15-те мостови во Кратово.