“Буковка”, “Буковец”, “Буковска пипер”… Буковка е зачин кој го има насекаде, ама кога зборуваме за Буковска пипер-тоа е зачин што во посебни услови го произведуваат жителите на селото Буково и сега е на пат да биде заштитен како македонски производ.
„Кога ќе им кажевме на производителите дека планираме да го заштитиме нивниот производ не гледаа бледо. Денес со помош на Слоу Фуд, креирајќи Президиум, успеавме да го претставиме и на меѓународно ниво преку саемите на Тера Мадре, а воедно и го заштитивме во рамките на организацијата, што обработува еден добар дел од постапката за заштита и на државно ниво”, вели проект координаторот Елена Каровска.
Се трошат премногу пари за плаќање на скапи реклами кои служат за промовирање на производи каде се убедуваат потрошувачите дека се работи за традиционални производи. Денес постои цел пазар на “традиционални производи” иако само дел или воопшто не го имаат традиционалното во нив.
Кога на еден производ му се гарантира квалитетот тој се издвојува од другите кои се слични на него, а воедно се нерегистрирани и незаштитени. Со тоа се создава еден посебен поглед на потрошувачите кон тој производ.
Големиот број на традиционални производи претставуваат важен сегмент при секојдневниот избор на потрошувачите кои се на пат да бидат конкурентни но и во предност во однос на европската индустрија. Важен елемент за секое културно наследство претставува токму традиционалниот производ од таа област.
Отварањето на националните граници и глобализацијата доведоа до мешање на културите и традициите на народите. Слоу Фуд уште од самиот почеток работи за заштита на производите и местото од каде потекнуваат. Заштитените ознаки не претставуваат гаранција само за квалитетот туку и за автентичноста за производот, а со тоа консументите добиваат сигурност дека некупуваат фалсификуван производ.
„Потекнувам од место од каде потекнува и еден производ надалеку познат и го носи името на моето родно место. Се работи за производ кој го има под неколку називи: “Буковка”, ”Буковец”,“Буковска пипер” … Буковка е зачин кој го има на секаде, ама кога зборуваме за Буковска пипер-тоа е зачин што во посебни услови го произведуваат жителите на селото Буково. Долги години наназад се обидуваме да најдеме начин да ги разрешиме овие дилеми кај луѓето, па можам да кажам дека во последно време сме на правиот пат”, изјави претставникот на „Президиум Буково”, Горан Здравески.
И во Македонија мисијата на Слоу Фуд е насочена токму кон заштита и промоција на традиционалните производи кои сеуште во голем дел се присутни на скромната македонска трпеза.
Пастрмајлиите од Источна Македонија се дел од македонската кујна. Кога спомeнуваме Штип, прво на памет ни паѓа – Пастрмајлија. Штипјани за нивниот специјалитет велат: “Штом дојде зима, пастрмајлија да си апнам со црвено винце најубаво оди”. Специфично, меко, лесно за јадење. Исто така пастрмајлија се прави и во Велес, но и двете се разликуваат по начинот на подготовка.
Во поглед на заштита на производите и нивно појавување на пазарот како единствени со своја традиција и свои техники во петок ќе се одржи конференција за заштита на квалитет на традиционалните производи со почеток од 10 часот Дом на култура: „Иван Мазов Климе“,Кавадарци,
Организатор е Слоу Фуд Македонија со поддршка на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, ФАО (Светска организација за храна и земјоделство) и Слоу Фуд Интернационал. Домаќини се Општина Кавадарци и Слоу Фуд Тиквеш.
