УТРИНСКИ ВЕСНИК: ГАСТРОМАНИЈА – ГАСТРОНОМСКИ ВОЛШЕБНИЦИ

Прес прегледУТРИНСКИ ВЕСНИК: ГАСТРОМАНИЈА - ГАСТРОНОМСКИ ВОЛШЕБНИЦИ

Сподели

Главните ликови на овој текст – Влатко Огненовски, Никола Мишковски и Зоран Мајновски, како и нивниот наследник Борис Богдановски, од годинава се дел од движењето „Слоу фуд“

Готвачите се нешто како волшебници. Со неверојатна вештина, брзина и препознатлив мерак, сечкаат, пасираат, месат, прават вистински чуда, пред кои гурманите потпишуваат безусловна капитулација. И сосема е логично што овие мајстори на вкусот и естетиката, секаде и секогаш, се врзуваат за добра и вкусна храна.

Главните ликови на овој текст, Влатко Огненовски, Никола Мишковски и Зоран Мајновски , како и нивниот надежен наследник Борис Богдановски, од годинава се дел од движењето „Слоу фуд“, а минатата недела, во рамки на манифестацијата „Бабините рецепти“, имаа демонстрација на готвачките вештини во живо.

За тоа колку Никола Мишковски (1984) си ја сака професијата, сведочи неговиот постојан креативен ангажман како шеф на кујната на хотелот „Камник“. Специјалност му е сервирањето во минималистички порции, нови техники на брза обработка на храна која ги задржува сите хранливи состојки. Со линии и точки прави уметнички дела на чинии, ги сака и користи зачинските билки од поднебјето. Од многуте добиени награди, златни и бронзени медали, најдраго му е финалето на престижниот натпревар „Топ 3“ во Хрватска, во конкуренција од 240 готвачи од Европа. На прашањето зошто го одбра „Слоу фуд“ вели:

„Филозофијата на СФ ми го привлече вниманието, а особено интересни ми се македонските производи, номинирани за ’Арка на вкусови’. Искуството на инволвираните во СФ ќе ни овозможи побрзи информации за производите неоправдано подзаборавени кои се дел од нашата традиција. Нив ќе ги употребувам во матичната куќа, а што е уште попривлечно, ќе ги користам и презентирам надвор од државата.“

Зоран Мајновски (1977), сопственик и готвач во „Marmada Fud“ – „ИДАДИЈА М“, во својата биографија има неколку интересни моменти – беше личен готвач на Џорџ Буш за време на неговата посета на Косово, потоа освои злато во конкуренција од 17 земји-учесници на Интернационалниот куп во Сараево, а сребро на куповите одржани во Србија, Хрватска и Турција. Често е почесен готвач на многубројни манифестации организирани од амбасадите во Р. Македонија, а специјалност му е микс од традиционални јадења и нови техники во готвењето. Непотребно е да се каже колку Зоран ги сака старите јадења на оваа земја, кои можат да бидат репрезент на нашата автентичност.

„Преку разните активности во ’Слоу фуд’, ќе можам да ја презентирам нашата традиција, особено меѓу претставниците на амбасадите во нашата земја… Има што и да се види и да се научи, затоа им се приклучив.“

Влатко Огненовски (1973) стана омилен лик меѓу сите генерации по серијалот за здрава храна „Шпајзот на Македонија“.

„Подготвувајќи се за серијалот каде што здравјето е избор, инаку проект на Владата на Р. Македонија, имав можност да допрам до нечепнатите делови на Македонија. Бев фасциниран од убавите предели, богати со секаква вегетација која може да се употреби во исхраната. ’Ржан леб, макало, пинџур…, тоа е нашата храна со пет ѕвезди“ – вели популарниот готвач.

Неговата биографија е многу интересна – завршил сликарство во Фиренца, а првото искуство како готвач го стекнал во Сиена Тоскана во елитниот ресторан „Муголоне“. Веќе 20 години Влатко собира искуство низ сите меридијани, а како најзначајна ја спомнува работата во ресторанот „Le cirque“ во Њујорк. Во многуте активности и секојдневни ангажмани (во моментов работи како главен готвач во „Форца- Скопје“), не ги заборава и часовите во Тајланд, за уметноста во готварството.

„Посветеноста на луѓето од ’Слоу фуд’, работата и љубовта што ги внесуваат, се’ со цел да се запази традицијата, надополнети со мирисот и вкусот кои ги доживував шетајќи низ Македонија – беа доволна причина да се приклучам на оваа организација“ – вели Влатко.

Најмладиот Борис Богдановски има 15 години, многу желба и уште повеќе талент за готвење. Редовен ученик е во СУГС „Лазар Танев“ каде што е дел од секцијата „Љубители на здрава и традиционална храна“ и оттука и поврзаноста со „Слоу фуд“. Часовите по практична настава Борис ги реализира во ресторанот „Ореов лад“, а средбата со Влатко Огненовски му ја зацврсти желбата за гастрономијата. Тивок и работлив, дефинитивно ќе им се препушти на убавините на готвењето.
Валентина Тодоровска

http://utrinski.mk/?ItemID=55E29BD83D79DF4AB95C8BCF467B2237

Slow Wine Fair 2023: „Да“ за локалното вино со висок квалитет

Првиот знак за успешноста на настан од меѓународни рамки...

Slow Wine Fair 2023: Македонските вина на светската мапа со најдобрите винарии

Од денеска до вторник, 26-28 февруари, сите патишта водат...

Излезе третиот број на „Полжавче“

Семето-ркулец на животот е носечка тема на третиот број...