ББЦ на Македонски: Здрава храна за нездрави навики

Македонското слатко од диви смокви изработено на традиционален начин од неодамна влезе во кругот на светските производи со логото на „Слоу фуд” или бавна храна.
Овој концепт освен што се залага за квалитетната исхрана промовира региони и држави во светот за кои малку се знае.

Некои од пионерите за здрава храна во земјата се скептични дека во скоро време ќе ја победат брзата храна, пред се поради навиките на луѓето.
Тања Неделковска е пионер во подготвувањето и промовирањето на здравата храна во Македонија.
Пред 13 години отвори ресторан за макробиотска и вегетаријанска храна.

Неодамна отвори и сендвичарница „на ризично место“, лоцирана наспроти еден од најомилените скопски ресторани за брза храна.
Вели дека има муштерии, но и дека граѓаните бавно ги менуваат навиките.
„Гледам колкави толпи млади луѓе чекаат ред за да добијат бургер со леб и плескавица без никаков додаток на зеленчук внатре, почнувам да станувам скептична дека преродбата нема многу брзо да дојде“.

Еден од начините да се парира на брзата и нездрава исхрана е таканаречениот „Слоу фуд”, концепт формиран пред повеќе од две децении во Италија, а од лани присутен и во Македонија.

Нада Караиванова објаснува што значи ова движење присутно во 132 држави.
„Не е само борба против брзиот начин на живот и брзата храна, во исто време е и поддршка на малите локални заедници со цел тие да ја промовираат својата територија преку својата традиција, преку храната, преку гастрономијата, преку културата“.
Деновиве и Македонија влезе во кругот држави кои имаат производи со „ „полжавот” , логото на „Слоу Фуд” .

Група жени од југоисточниот регион почнаа да подготвуваат слатко од диви смокви на традиционален начин, кое ќе се продава на саеми и во некои продавници во странство.

Оливера Стефаноска од Дојран, која е вклучена во проектот, смета дека освен афирмација на земјата ова ќе донесе и работа.
„Тоа ќе биде според некоја валоризирана цена. Нема да биде како тука што е без пари – надвор се знае колку чини. Па очекуваме дека ќе се подигне и економската и социјална положба на нашите жени“.

За овој концепт многу малку се знае во Македонија.
„Исто е и со здравата наспроти брзата храна вели“ вели Тања Неделковска.
Таа оценува дека брзата храна засега ја добива битката поради добриот маркетинг.
„Ако земеш еден сендвич ќе добиеш гратис, ги следам тие реклами но јас не сум слушнала реклами за здрава храна“, вели Неделковска.

Нада Караиванова укажува на еден друг момент.
„Не е вистина дека здравата храна е многу скапа храна. Барем ние во Македонија имаме зелени пазари коишто се преполни со одлична сезонска храна, одлични производи“.

Време е за оброк – плескавица од месо или од леќа, прашање е сега.