Политичките авторитети да го препознаат значењето на малите, локални производители, посебно на младите фармери, и да го поддржат нивното враќање кон традиционалното производство зашто храната не е само стока која едноставно има цена. Нејзината вредност е многу поголема, подразбира култура, гордост и достоинство на секој народ, филозофија што ги опфаќа корените на неговото постоење.
Ова е пораката од 4.Тера Мадре Балкан што денеска ја испрати основачот и претседател на Слоу Фуд, Карло Петрини, отворајќи ја и официјално манифестацијата во Тирана. Пред повеќе од 500 учесници, Петрини напомена дека локалните производители се клучни за руралниот развој и за развојот на земјоделството во светски рамки. Индустријата бескрупулозно го доведува во прашање нивниот опстанок, а токму тие се основната алка од системот за спречување на сиромаштијата и за решавањето на глобалниот проблем со гладта.
– Креираме нова Европа, Европа на политичари кои ќе го препознаат и поддржат локалниот производител. Нема праведност без да се вреднува трудот на оние кои најмногу вложуваат, а тоа се земјоделците, истакна Петрини.
Според него, освен официјална институционална поддршка на централно и локално ниво, за зачувување на храната како култура и начин на живот наспроти се поизразениот консумеризам, е неопходна и интензивна комуникација меѓу младите и постарите фармери, првите за да донесат нови идеи, а вторите за да го пренесат своето знаење и искуство.
По обраќањето, Петрини ги посети штандовите, вкупно 50, поставени на плоштадот „Мајка Тереза“, на кој се претставени производи од 12 земји, Македонија, БиХ, Бугарија, Хрватска, Грција, Косово, Црна Гора, Романија, Србија, Турција, Италија и Албанија.
– Македонските производи се одлични зашто луѓето ги прават од срце, по старите, вековни рецепти на нивните предци, зачувувајќи ја така традицијата, но и споделувајќи ја својата култура со останатите народи, изјави Петрини откако се поздрави со нашите производители.
Посетителите на македонскиот штанд покажаа голем интерес за петте понудени президиуми, сирењата од мавровско-реканскиот регион, медот, слаткото од диви смокви, виното Станушина и буковската пипер. Некои пробуваа и веднаш купуваа, не прашуваа за цената.
– Нашите производи кои се еколошки и високо квалитетни, треба да ги презентираме ширум Европа и светот. Дебарското сирење кое јас го поризведувам, е веќе брендирано, заштитено од купувачите кои го продаваа како бело, галичко,… и не може да се злоупотребува. Параметрите по кои се препознава се вкус, нијанса, боја, масленост над 45 отсто, изјави Скендер Аме, еден од членовите на македонската делегација на Тера Мадре Балкан.
И тој порача дека традиционалното треба да се зачува. – Имаме одлични услови, чисти, незагадени пасишта во реканскиот крај. Затоа и производот е квалитетен, но мора да го зачуваме, како што тоа го направиле нашите предци. Јас на мојот син веќе му предадов 200 овци од вупно 900 со кои располагам, а заедно со браќата имаме 2.500 грла, истакна Аме.
Весна Јаневска, производител од Росоман, изрази огромно задоволство од учеството на Тера Мадре Балкан. – Поднебјето и климата во Тиквешијата се прекрасни. Имеме грозје во изобилство и тикви, поради што решив да ја продолжам традицијата на производство на слатко по рецептот на свекрвата, кое содржи шира, тиква, лешници и ореви. Правам слатка и од други овошја, смокви, дуња, грозје без семки, од се што ни дава природата, рече Јаневска.
Според Александар Галапчев од Кавадарци, тајната за добивање добар маџун е во искуството. – По цедењето на сокот од грозјето, има специјална постапка за стабилизирање на ширата. Потоа се вари на висока температура долго време додека не добие густина како мед, објасни Галапчев.
Ѓорги Наумчевски, исто така од Кавадарци, производител на виното Станушина, информира дека просперитет за ваквите автохтони сорти во Македонија, има. Тој органски произведува и Вранец. – Потрошувачите препознаваат квалитет и точно знаат што бараат, напомена Наумчевски.
Душко Андов, сопственик на винаријата „Ерос“, произведува гроздов сок, 100 отсто е природен, без какви било конзерванси. – Веќе десет години произведувам гроздов сок, чист, без конзерванси, шеќер и вода. Она што природата го дава, го обработувам, го ставам во шише и е подготвено за продажба, рече Андов.
Во македонската делегација на Тера Мадре Балкан која брои 33 члена, 15 се производители.
Манифестацијата ќе трае до недела, а на неа, покрај презентација на специфична, органска храна од сите земји во регионот, се предвидени и дискусии на повеќе теми, Борба против гладот во светот, Пристап до пазари на малите производители, Одржлив рурален туризам, Агротуризам,… Во фокусот ќе биде меѓународната научна конференција „Фармерите на прво место“, чија идеја е поврзување, односно градење широка мрежа на академици и истражувачки институции за биодиверизтетот на храна и одржувањето на растителните генетски ресурси.
Тера Мадре Балкан досега се одржа три пати, двапати во Софија и еднаш во Дубровник.
Извор: МИА