ДНЕВНИК: ТИКВЕШКИОТ МАЏУН ЌЕ ВЛЕЗЕ ВО СВЕТСКИ КАТАЛОГ НА ВКУСОВИ

Тиквешкиот маџун, кој има долга традиција на производство во најголемиот лозаровинарски регион во Македонија, „станушината“ како автохтона тиквешка сорта грозје и рачелите од тиква, ќе влезат во светската арка на вкусови на интернет-каталог. За овој каталог се предложени уште петнаесетина други македонски производи карактеристични за одредени региони. Ова го предложија поборниците за здрава домашна храна од кавадаречкиот разгранок на „Слоу фуд“ на средбата со претставници на централата која неодамна се одржа во Kавадарци.

– „Станушината“ и маџунот се она на што посебно се гордееме и за нивното производство не постои формула, постои само тајна која се пренесува од колено на колено со генерации. Од „станушина“ добрите мајстори прават извонредни вина и ракии. Ритуалот со белата земја, која се толчи, пече, се сее и со неа се третира ширата за потоа со варење да се добие маџун, е нешто што на лекот од грозје му дава уште поголема мистичност. Велат дека колку е маџунот постар, толку е и подобар. А во Тиквешко с` уште се случува при уривање стари куќи да се пронајдат скриени врчви полни со маџун, кои се криеле како најголемо наследство и како најефикасен лек за многу болести. А на слаткото од тиква, низ годините, од чалам му се додавало грозје, лешници, бадеми, оревчиња, па и модри патлиџани – објаснува Маја Шкартова од кавадаречкиот разгранок на „Слоу фуд“.

Станува збор за карактеристични вкусови кои се негуваат на одредено поднебје, а на кои им претстои опасност од исчезнување. Целта е враќање на традицијата поради поздрав начин на живеење.

Шкартова нагласи дека во минатото кога немало шеќер ширата од грозјето, кое на овие простори го имало во изобилство, а подоцна и маџунот, биле начин луѓето да се заблажат по тешките работи во лозјата. Маџунот додаден во тестото без јајца, пак, ја донел во Тиквешко раванијата, вид традиционална погача, што туристите, заедно со виното, ракијата, рачелите и наутлијата, с` повеќе бараат да ја вкусат.

– Имаме што да понудиме, а некако ми се чини дека досега некои од луѓето во Македонија како да се срамеа од сопствената традиција. Мислам дека крајно време е сите да ги отворат очите и да му ги покажат на светот своите историски и културни богатства – додава Шкартова.

Таа кажа дека сите оние што имаат на ум заборавени и неоткриени традиционални производи, растенија и животни, автохтони сорти од регионот, можат слободно да ги номинираат и со тоа да ги спасат од заборав.

Во вториот дел од проектот, координаторот за Македонија Емилија Неделковска од Битола, објасни дека е можно, доколку постои интерес, да се пристапи и кон проект за зачувување и заштита на некои од номинираните вкусови.

– Kога станува збор за македонските номинации, во постапка за заштита веќе се влезени македонската пчела и нејзиниот мед произведен во улиште без хемија, слаткото од диви смокви, млечните производи од мавровско-реканскиот крај, буковскиот пипер од Битолско и други. Два од проектите за зачувување, кои според „Слоу фуд“ на светско ниво се нарекуваат президиуми, се веќе готови, а другите два се во тек. Тиквешани се надеваат дека и тиквешките атрактивни вкусови, кои ќе бидат номинирани, ќе имаат среќа да бидат и зачувани од заборав. Во президиумите активно се вклучуваат малите производители кои користат традиционални техники за производство на автентични производи, кои веќе се дел од арката на вкусови. На тој начин би се постигнала нивна економска одржливост – рече Неделковска за „Дневник“.

Меѓу повеќето од 1.600 номинирани производи на светско ниво се и планинскиот чај од Галичица, колешинските кикиритки, медот од македонската пчела, мариовското биено сирење, кашкавалот од Бистра, неготинската наутлија, струмичкиот сусам, струмичкиот собра-грав, циронките од Стење, мариовската буша, беровскиот оцет од киселици.

Неделковска кажа дека се работи за меѓународен проект во рамките на организацијата „Слоу фуд“, а парите за активностите се обезбедени од Европската Унија.

Светлана Дарудова
http://www.dnevnik.mk/?ItemID=9FA01DC273C7F2408103247E3423010A