Дојче Веле: Рибата сабјарка во опасност!

Од сите видови риби во водите на ЕУ, 88 проценти се загрозени од прекумерен риболов. Никаде во светот не се искористуваат морињата толку многу како во ЕУ. Во Италија рибата сабјакра е особено загрозена од изумирање.

Во Средоземното море живеат околу 500 видови риби

„Пеше спада“, риба-сабјарка убаво печена на скара. Рибата се зачинува со крупна сол и тревки, како темјан и рузмарин. На овој начин се подготвува специјалитетот од медитеранот.

Сабјарката е една од најомилените риби за јадење во Италија, а исто така и една од најскапите. Меѓутоа, овој факт не ги спречува луѓето да не ја купуваат омилената врста риба.

Продажните бројки растат од година во година. Штета, смета познатиот биолог за разновидниот морски свет Силвестро Греко. И во неговиот роден крај Калабрија се подготвува традиционално јадење од тестенини со месо од сабјарка, сечено на коцки. Како дете Греко ова јадење го обожавал, но со оглед на изумирањето на овој вид рибата, денес не е голем љубител: „Во Средоземното море има околу 500 различни видови риба, што можат да се јадат. Но, на чиниите на Европејците се сервираат најмногу десет видови, најчесто туна, сабјарка, зубатац – риби, што можат да се сервираат како стек, немаат многу коски и се добри за в’ тава. Кога луѓето понекогаш би јаделе и други, помалку познати риби, многу би придонеле за одржување на рибниот фонд во Средоземното море“ – вели биологот Греко.

Интересна идеја за заштита на овој посебен вид риба

Токму поради ваквото убедување, 52-годишниот професор за морска биологија во Торино и Неапол се зачлени во гурманското здружение „Слоу фуд“ – „Бавна храна“. Здружението особено се ангажира околу темата „риби и морски плодови“ и за рибарење кое води сметка за обнова на рибниот фонд. Освен тоа, спроведува информативна

 Кампања за потрошувачите. „Слоу фуд“ го пропагира бавното уживање во јадењето како општа култура. Движењето беше формирано во 1989 година во Пиемонт, а денес е познато во целиот свет и брои 80.000 членови. „Слоу фуд“ има сопствена издавачка куќа и „Универзитет за гастрономски науки“, а врши и големо влијание во политиката и општеството.

Неговите членови, кои на почетокот беа неполитички дегустатори, со текот на времето станаа борци за обновливо земјоделството и заштита на видовите. Тие се ангажираат за риби на кои им се заканува изумирање, меѓутоа на еден поинаков начин отколку еколошките здруженија.

„Слоу фуд“ работи во интерес на одговорните и свесни потрошувачи, ориентирани на квалитетот. Тоа им кажува кои риби подобро веќе да не ги јадат и им предлага други риби од Средоземното море како исто така вкусна замена. Притоа остварува блиска соработка со научници како Силвестро Греко: „Во моментов започнуваме проект, што базира врз истражувања на една студентка на универзитетот за гастрономски науки и се занимава со риболов и одржување на рибниот фонд кај островот Лампедуза. Во истражувањето станува збор за посебен вид сардина, многу поголема од другите сардини. Меѓутоа овој вид сардина никому не му е познат и затоа не се лови, иако во морето има милиони тони од неа. Тие сардини умираат поради старост, наместо да бидат подготвувани како специјалитет. Тоа е штета, бидејќи можат добро да се пласираат на пазарот.“

Рибарите треба да бидат уверени дека ќе имаат корист од проектот

Тоа воопшто не е лесна работа, бидејќи сардините во јужна Италија важат за храна на сиромашните и се многу ефтини, неспоредливо со сабјарката или пак црвената туна. Но, уловот на вообичаените риби во исхраната се’ повеќе се намалува, а уловените риби се се’ помали. Честопати младите риби немаат време да се размножат и да придонесат рибниот фонд да остане стабилен. Тоа не е им е од корист на рибарите, објаснува Џузепе Афари, претседател на риболовното здружение во Мацара дел Вало, на сицилијанскиот морски брег.  „Ние сме за политика, која ќе воведе забрана за риболов во одредено време и во одредени морски зони, со цел да се опорави рибниот фонд во морето. “

Во овој поглед се доближуваат позициите на рибарите и борците за заштита на животната околина. За морскиот биолог Силвестро Греко ова е голем успех: „Неопходно е да создадеме повеќе заштитни области онаму, каде рибите се множат. Крајно време е да водиме интелигентна политика на риболов, каде ќе се комбинираат различни мерки, и да нема забрани само на поединечни места. Затоа е важно да се прават и да се поттикнуваат научните истражувања. Само науката може да даде научно базирани одговори. Кој мисли дека треба само да се донесат нови закони, се наоѓа на погрешен пат.“

Автор: Кирстин Хаузен / Бисера Огњановска-Митров

Редактор: Александра Трајковска

http://www.dw.de